Покачување од 7500 и минимална пензија од 20 000 денари кои ќе почнат да важат од ноември бараат пензионерите од Струмица. Новите барања тие ги соопштија денеска за време на блокадата на излезот од Струмица кон Радовиш со која го го изразија нивното незадоволство од моменталната висина на пензиите. Револтирани се од како што велат игнорантскиот однос на државата.

Пензионерите велат дека моменталните пензии што ги примаат не биле доволни ниту за преживување, трошоците постојано им се зголемувале, а социјалните разлики станувале се поголеми. Сметаат дека нивните барања се реални и остварливи, посебно линеарното покачување со кое сите ќе добијат исти третман од државата.

Струмичките пензионери имаат и конкретни предлози како да се обезбедат средства доколку фондот ги нема. Предлагаат намалување на платите на сите функционери, укинување на апанажите, намалување на бројот на пратеници од 120 на 80 и укинување на сите средства за трошоци што ги добиваат пратениците. Доколку државата и понатаму не одговори на нивните барања наскоро најавуваат нов голем протест во Скопје.