Стружанецот Ердал Лушо, кој со својата едрилица чекаше поволни временски услови за да тргне од Портимао, Португалија, кон Карибите, конечно заплови. На картата се гледа каде е во моментов (линијата со стрелки).
Тој вчера на неговиот инстаграм профил објави видео во кое вели:
-После 4 години спремање, ни останаа 16 часа до старт. Гужва е пред едрилиците, сите се спремаат, возбудени, некои се и загрижени ама ќе биде добро.
Денеска Португалија ја зафати бурата Клаудија во која загинаа три лица, но веројатно таа не дува во најјужниот дел на Португалија од каде Лушо требаше да тргне.
Сега не е достапен, бидејќи се наоѓа во водите на Океанот. Со него, МИА разговараваше пред два дена и еве што кажа:

Лушо, кога се роди идејата за ова патување?
Идејата се појави уште во раните денови од мојата кариера. Како што стекнував искуство во едрење и бродоградба, таа идеја постепено се претвори во проект. Денес, конечно го живеам она што некогаш ми беше само сон.
Имаш ли страв од океанот?
Не би рекол дека ми е страв. Мислам дека ниедна природна сила не е злобна и нема намера да ти наштети — тоа е едноставно природата. Кон неа имам огромна почит и постојано се адаптирам.
Што очекуваш од деновите што следат?
Очекувам и најтешки и најубави денови. Се надевам дека ќе бидам безбеден, дека ќе пловам што е можно побрзо и дека ќе уживам во нешто што толку долго го очекував.
Кои се најголемите опасности на патеката?
На почетокот, најголема опасност се орките. Последниве четири години имаат навика да напаѓаат едрилици, што понекогаш завршува фатално за пловилото.
Од временски услови — најмногу се плашам од грмотевици. Со ветерот и бранот можам да се разбереме колку-толку.
Како спиеш во текот на регатата?
Спиењето е едно од најтешките нешта. Колку помалку спиеш, толку побрзо се движиш. Обично спијам 3.5 до 4 часа во текот на денот, поделени во интервали од 20 до 40 минути. Кога нема ветер, можам да спијам и подолго — 60 до 80 минути.
Колку е екстремна оваа регата?
Многу. Се учествува со минимална опрема и ова е еден од ретките формати каде што се натпреваруваш дури и додека спиеш. Едрилицата никогаш не запира.
Досега само 14 учесници успеале да ја завршат според правилата, а воопшто, со 5-метарска едрилица, само 49 луѓе самостојно го имаат преминато океанот.
Кога очекуваш да тргнеш кон Карибите?
Планот е да тргнеме во недела, но се зависи од времето. Засега е променливо, го следиме и во очекување сме. Ќе можете да ме следите каде сум преку линкот што ви го пратив.
Добро Лушо. Пиши ни кога ќе стигнеш на Карибите.
Секако. Но Ве молам обајвете го линкот преку кој, тие што сакаат, ќе можат да донираат средства.
Во ред Лушо. Поздрав и среќен пат.
Благодарам.Поздрав.
МИА



