Една студија спроведена од истражувачи од Државниот универзитет „Апалачи“ во Северна Каролина, откри дека здрави, млади лица кои имале инфекција со корона вирусот, не биле хоспитализирани и имале само помали симптоми, може да имаат долготрајни ефекти врз нивното срце и да бидат изложени на зголемен ризик за кардиоваскуларни компликации.
Резултатите од студијата беа објавени во списанието Experimental Physiology.
Додека КОВИД-19 е претежно познат како респираторно заболување, пишува Contagionlive, има зголемен број на студии кои ги истакнуваат промените во функционирањето на крвните садови кај младите и децата.
За студијата, тимот истражувачи тестирал млади 3 до 4 недели по нивната првична инфекција со KОВИД-19. Тие спровеле ултразвук на каротидните артерии и исто така направиле снимки.
Потоа ги анализирале снимките со компјутерски софтвер со цел да најдат мерки за каротидни проблеми.
Наодите од студијата покажаа дека кај инаку здравите, младии лица, се развиле штетни ефекти врз нивните артерии низ целото тело, вклучувајќи ја и каротидната артерија, која е одговорна за снабдување на мозокот со крв.
Истражувачите ќе продолжат да ги следат овие пациенти дополнителни 6 месеци за да набудуваат дали се подобрува нивното артериско здравје.
Тие, исто така, планираат идните истражувања да проучуваат поразновидна популација на пациенти во подолг временски период, вклучително и постари возрасни лица кои можат да бидат поподложни и да имаат основни состојби.
„Овие наоди укажуваат на потенцијално долгорочно влијание на КОВИД-19 врз младите, релативно здрави лица, кои инаку може да мислат дека вирусот можеби нема да влијае на нив“, рече Стив Рачфорд, висок автор на студијата.