Во Основниот суд во Корча се одржа третото рочиште по тужбата поднесена од фондацијата „Бугарска меморија“ од Бугарија против Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ), за наводна клевета и повреда на угледот.
На почетокот на рочиштето, судијката Гентијана Шуколари ги праша адвокатите на фондацијата дали имало контакт со МАЕИ во насока на евентуална спогодба, на што тие одговорија дека од “спротивната страна немало никаква иницијатива”.
Претседателот на МАЕИ, Васил Стерјовски, изјави дека нема за што да се спогодува со фондацијата „Бугарска меморија“, потсетувајќи на неговиот став од претходното рочиште дека: „Ние сме Македонци и никогаш нема да прифатиме дека сме Бугари.“
Судењето продолжи со излагање на адвокатите на фондацијата, кои тврдеа дека организацијата е жртва на клевета од страна на МАЕИ пред албанските власти и меѓународните институции, со цел нејзиното делување да биде ограничено. Тие нагласија дека фондацијата има добротворна мисија, без асимилаторски цели, и ги отфрлија обвинувањата за вмешаност во корупција, издавање бугарски пасоши, лажни потврди за бугарско потекло и влијание врз пописот на населението во Албанија.
Од своја страна, Стерјовски истакна пред судот дека, согласно одговорите од Централниот регистар и УЈП, фондацијата „Бугарска меморија“ не е регистрирана во Албанија, и сите нејзини досегашни донации во Албанија, се спротивни на законот за невладини организации и фондации, што укажува на перење пари.
-Ова не е добротворна организација, туку главна алатка на бугарската држава за асимилација на Македонците во Албанија,“ изјави Стерјовски, приложувајќи докази за незаконските активности на фондацијата. Тој достави и барање до судот за сослушување на 20-тина сведоци кои, според него, ќе ги потврдат наводите на МАЕИ.
Фондацијата бара оштета од 10.000 евра и јавно извинување од МАЕИ. На рочиштето присуствуваше и претставник од Амбасадата на Бугарија во Албанија.
Судијката Шуколари го закажа следното рочиште за 30 јуни 2025 година.
Фото: МИА