Судењето за случајот Рекет се одложува за 10 февруари, поради отсуство на претседателката на судечкиот совет судијката Васка Николовска-Масевска, од оправдани здравствени причини.
Во судница беа присутни само адвокатите на обвинетите, кои не беа спроведени од притвор.
На денешното рочиште не беше присутен и јавниот обвинител.
Случајот се наоѓа во доказна постапка и денеска требаше да се продолжи со изведување материјални докази.
Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција во октомври годинава поднесе обвинение против Бојан Јовановски, Катица Јанева и Зоран Милевски.
Првообвинетиот Јовановски се сомничи дека сторил кривично дело „перење пари и други приноси од казниво дело“, а Јанева и Милевски за „примање награда за противзаконито влијание“. Второобвинетата Јанева се товари и дека сторила и кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“.
На првото рочиште за „Рекет“, што се одржа на 3 декември, третообвинетиот Зоран Милевски-Кичеец призна вина, по што беше осуден на три години затвор.