Судењето за предметот Таргет-Тврдина е одложено за 29 јануари 2019 година на барање на адвокатот на обвинетиот Сашо Мијалков, Љупчо Шврговски.

Адвокатот побара одлагање поради исказите на сведокот на СЈО, Ѓорѓи Лазаревски, бидејќи содржат стручни термини, а одбраната при вкрстено испрашување не може да го испраша.

Поради тоа сакаат да користат технички советник од информатичка област кој би и помогнал на одбраната да постави прашања, а со цел за ефикасна правна заштита.

СЈО рече дека барањето е неосновано и дека има за цел одолговлекување на постапката.

Во предметот „Таргет-Тврдина“ на Специјалното јавно обвинителство обвинети се поранешниот началник на Петтата управа во МВР Горан Грујевски, Никола Бошкоски, поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, поранешниот директорот на УБК Сашо Мијалков, Тони Јакимовски, Владимир Варелов од УБК и уште пет други лица од Управата.

Според обвинителниот акт, преку три системи за следење на комуникациите во УБК, во периодот од 2008 до 2015 година незаконски биле следени 4.286 телефонски броеви за кои воопшто не биле издадени судски наредби.

Комуникацијата била следена пред да бидат издадени и по завршување на траењето на важноста на судските наредби на 1.541 број или вкупно 5.827 телефонски броеви. Прислушувани биле над 20 илјади граѓани.