Судењето за уривањето на комплексот „Космос“ е одложено за 20 јануари откако новиот состав на судечкиот совет го прифати барањето на одбраната за одложување на рочиштето поради здравствената состојба на обвинетиот Тони Трајковски.
Новиот состав на судечкиот совет за судењето за предметот „ТНТ“ за уривањето на комплексот „Космос“ на инвеститорот Фијат Цановски на самиот почеток се соочи со исти барања од одбраната и обвинителството.
Судот даде пауза од 20 минути, за да одлучи по барњето на одбраната за одложување на постапката бидејќи обвинетиот Тони Трајковски е под терапија, по што обвинителот побара раздвојување на постапката за обвинетиот.
Адвокатот на обвинетиот Тони Трајковски, Јовица Страшевски на почетокот на денешното рочиште, реагираше дека неговиот клиент е под терапија и не е во состојба да учествува на судските рочишта.
– Од доставената медицинска документацијата може да видите дека ваквата состојба нема да трае долго, пет до десет дена, изјави Страшевски.
Обвинителот Бурим Рустеми, поради ваквите околности побара раздвојување на постапката за Тони Трајковски.
– Сметам дека поради економичност на постапката постојат услови за раздвојување на постапката за обвинетиот Тони Трајковски со цел да се искористат веќе закажаните рочишта, изјави Рустеми.
На ваквиот предлог од обвинителот, одбраната реагираше дека не може да се води постапка против поттикнувачи со раздвојување на постапката за обвинетиот извршител на делото.
Предметот го води судијата Огнен Ставрев, а застапник на обвинението е Бурим Рустеми од ОЈО Куманово.
Првото рочиште за судењето за „ТНТ“ се одржа на 24.01.2018 година, но поради истекот на мандатот на еден од членовите на судечкиот совет процесот се врати од почеток.
За делото обвинети се повеќе лица меѓу кои екс министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески и тогашниот градоначалник на општина Гази Баба Тони Трајковски, додека во отсуство му се суди на поранешниот премиер Никола Груевски.