Судскиот еснаф му се налути на Уставниот суд. Здружението на судии е незадоволно што колегите уставни судии им ја отфрлија иницијативата за преиспитување на Законот за плати.. Сметаат дека со намалувањето на коефициентот, платите на судиите спротивно на законите биле недозволено намалени. Уште поголем проблем судиите гледаат во ретроактивноста, бидејќи понискиот коефициент бил употребен и за платата од тековниот месец. Велат, одлуката на Уставен е скандалозна, го уривала и правниот систем на државата.
„Уставниот суд да не се додворува на Законодавната власт, да не носи незаконити одлуки и да не ја поткопува и девалвира судската власт. Треба да се држат до надлежностите утврдени со Уставот, а не да носат одлуки кои се политички и популистички со анализи и заклучоци дека платите на судиите се доволно големи“, се вели во реакцијата на Здружението на судии.
Потсетуваат дека и тие биле незадоволни од измените во кривичниот законик и законите за аменестија кои како што велат го поткопале судското постапување, но согласно надлежноста, морале да ги применуваат таквите закони.
Здружението на судии најави нова иницијатива, но само за ретроактивноста на законот кој во февруари ги намали коефициентите за пресметка на нивните плати.
Од Уставен пак велат нивната одлука била конечна. На Здружението му порачаа да ја почитува судската култура како клучна за враќање на изгубената доверба.
„Судот по предметната иницијатива одлучи, но дел од реакцијата на Здружението на судиите не соодветствува со уставната, правната и судската култура кои се од исклучително значење за враќањето на угледот и на довербата на граѓаните во правосудниот систем и воопшто во институциите на системот“, велат од Уставниот суд.
Судската фела пак најави дека правдата ќе ја бара и пред судот во Стразбур ако Уставен не работи согласно надлежностите.
Инаку, незадоволни од Законот кој ги скрати коефицинетите, беа и во Судскиот совет, Здружението и Советот на јавни обвинители. Поднесоа иницијативи до Уставниот суд но и нивните беа одбиени. Во Февруари беа донесени законите со помал коефициент за платите во правосудниот систем, но го задржаа од 78 отсто.