Премиерот Христијан Мицкоски вечерва изјави дека извештајот на оценската мисија е нашиот патоказ за реформите во правосудството, но и дека и за судиите треба да има одговорност.
– Прашањето поврзано со креирање одговорност и реформи во Судскиот совет се едно со друго комплементарни. Дел од тие реформи треба да биде и тоа. Јас не сум правник, но она што го имам како елементарно познавање и што ги консултирам советниците одговорноста е уставна категорија и треба да се промени во Уставот, така што јас сум апсолутно застапник за таа идеја дека и судиите треба да имаат одговорност. Затоа што и тие кога грешат треба да имаат одговорност исто како и сите останати граѓани. Но, тоа треба да биде содржано во таа реформа во тој Судски совет, а реков основа за тоа треба да биде извештајот на оценската мисија, кој што ни е доставен, кој што морам да признаам на почетокот не можевме да го најдеме во Министерството за правда, а успеавме некако да го обезбедиме, рече Мицкоски во вечерашното интервју во емисијата Објектив на Македонската телевизија.
Таму стои да биде помал бројот на членови на Судскиот совет и има од која институција и на каков начин да се бираат.
-Имаме јасен патоказ само треба да го следиме, рече Мицкоски.
Во однос на презумпцијата на невиност рече дека за жал се злоупотребувала многу пати во минатото и оти не верува дека сега се злоупотребува поради политички причини.
– Јас знам стотици, да не речам илјадници луѓе кои се жртви на тој политички притисок којшто се случуваше во минатото, рече Мицкоски.
Притоа тој кажа дека ВМРО-ДПМНЕ има се уште замрзнат имот.
– Нашата партија е една година предводник во Владата, ние имаме се уште замрзнат, имот. Имате одлука од апелација дека треба да ни се одмрзне имотот, не ни се одмрзнува. Дека незаконски ни е замрзнат, рече премиерот.
Второ, инструментот притвор треба да се употребува во случаи јасни според закон, додаде тој, но не треба тоа политички да се злоупотребува.
Мицкоски кажа дека откако претходната влада заминала во опозиција различни обвинители, судии кажуваат како добивале нарачки за притвор, како под присила се давале искази… без да се обезбедат материјални докази.
– И тоа е она што кај граѓаните создава чувство на фрустрација и ова чувство што вие сега го кажувате дека некој политички диктира и монтира случаи. Вие не можете сега дека некој друг политичар, политички моќник го прави истото, а јас ве уверувам дека таков во оваа Влада не постои, рече Мицкоски.
Запрашан за воведување ветинг, како во Албанија и други држави, премиерот кажа дека се обидел да го заобиколи ветингот затоа што ние имаме јасна подлога, а тоа е извештајот на оценската мисија од ЕУ која ни дава јасен патоказ каде треба да се движиме во однос на реформите во правосудството.
Во интервјуто во однос на скрининг во правосудството во контекст на реформите, Мицкоски кажа дека тоа кај нас е направено со оценската мисија на ЕУ и оти во тој извештај има јасна оценка и патоказ во која насока треба да се движат реформите.
-Мислам дека тоа е основа во делот на оние закони кои веќе ги работи Министерството за правда заедно со работните групи кои согласно планот за раст треба да бидат завршени до крајот на годината, рече премиерот.
Посочи на начинот како се бираат судиите и обвинителите кај нас и оти тој од самиот почеток е обременет со основани сомневања со многу партиски, но и друг тип влијанија. ев/лв/