Сојузниот судија од Њу Хемпшир, Џозеф ЛаПлан, денеска изјави дека ќе одобри колективна тужба која ги опфаќа сите деца кои би биле погодени од извршната наредба на американскиот претседател Доналд Трамп за укинување на правото на државјанство по раѓање.

Исто така, тој ќе издаде привремена судска забрана со која таа наредба ќе биде блокирана.

Судијата ЛаПлан ја објави својата одлука по едночасовното рочиште и рече дека ќе следи писмено решение.

Тој наведе дека решението ќе вклучува одложување од седум дена за да се овозможи поднесување жалба.

Со ова, уставно-правното прашање за правото на стекнување државјанство со раѓање на територијата на САД, брзо се враќа пред Врховниот суд, во случај администрацијата на Трамп да поднесе жалба.

Тогаш судиите на Врховниот суд би можеле да разгледаат дали новата судска одлука се вклопува во нивната одлука за ограничување на надлежноста на пониските судови.

Колективната тужба, стеснета во однос на претходните тужби по повод уредбата на Трамп, е покрената во име на бремена жена, двајца родители и нивните деца, а се повикува на правото на стекнување американско државјанство со раѓање на територијата на САД, врз основа на 14-тиот амандман на Уставот на САД.

Тужбата ја застапуваат Американската унија за граѓански слободи и други организации.