Судот смета дека не се контрадикторни вештачењата на одбраната и Обвинителството за психичката состојба на обвинетиот Раде Трајковски Штикли и ги одби наводите на одбраната дека тој не е способен да го следи судењето на главна расправа за случајот за трговија со дрога „Штекли“.
Претседателот на Судечкиот совет, судијата Илија Трпков, пред почетокот на денешното рочиште информираше дека се одбива приговорот на одбраната дека обвинениетиот не е способен да го следи судењето на главна расправа. Според Судот, обвинениетиот Раде Трајковски Штекли е прегледан од психијатарот Оливера Суботин Поповска, која дава јасно мислење дека обвинетиот е способен да го следи судењето и да се произнесе за вина, додека Вештачењето од одбраната е од лекар кој долги години е личен лекар на Трајковски и постои основ за пристрасност.
– Само во исклучителни случаи се наредува супер вештачење, но во овој случај Судот беше убеден од вештото лице Оливера во однос на способноста на обвинетиот Раде Трајковски да го следи судењето, изјави судијата Трпков.
Советот, како што беше посочено, ги ценел подеднакво наводите на двете вешти лица и вештачењата според Судот не се контрадикторни.
Претходно во Основниот кривичен суд Скопје беа изведени вештачењата кои се однесуваа на психичката состојба на обвинетиот Раде Трајковски Штекли.
Одбраната преку вештачењата тврдеше дека тој е психотичен и не е во состојба да ја следи главната расправа, додека, Oбвинителството преку вештачењата тврди дека тој е во добра здравствена состојба.
На минатото рочиште за случајот „Штекли“, пред судот сведочеше вештото лице Оливера Суботин Поповска, вработена во Психијатриската болница Скопје, која го направила психијатриското вештачење од јули 2025 на Обвинителството.
Поповска во своето сведочење пред Обвинителството изјави дека Штекли има добра психичка состојба, и покрај наводите за „магиско мислење“, кое според неа не претставува показател за халуцинации. Таа додаде дека кај него не може да се дијагностицира шизофренија, но се забележуваат одредени карактеристики на дисоцијалност и шизотипни црти, кои не ги исполнуваат сите критериуми за шизотипно растројство.
Обвинението, поднесено од Обвинителството за гонење на организиран криминал, опфаќа вкупно 10 лица, по речиси едногодишна истрага во која биле применети посебни истражни мерки. Првично биле опфатени 16 лица, од кои седум веќе склучиле спогодби и добиле затворски казни од 3 до 3,5 години.
Четворица обвинети – Данчо Масев, Димитар Трајков, Владимир Веселиновски и Бранислав Зајков, исто така, поднесоа предлог за признавање вина, по што Судот донесе решение за раздвојување на кривичната постапка.
Според Обвинителството, групата била добро организирана, со јасно дефинирани улоги – од набавка до продажба на кокаин и марихуана. Дрогата се чувала во изнајмени станови, а се продавала по цени од 4.500 до 6.000 денари за грам кокаин и 200 до 300 денари за грам марихуана. Комуникацијата се одвивала преку апликацијата Snapchat, а клучни докази биле обезбедени преку „Cellebrite“ системот за анализа на мобилни телефони, донација од САД.
Фото: Архива