Судот го поништи првиот круг на претседателските избори во Романија

/ 06.12.2024

Уставниот суд на Романија денеска ги поништи резултатите од првиот круг на претседателските избори, откако беа декласифицирани безбедносните документи и беше најавено дека изборниот процес мора да се повтори во целост.

Судот најави дека владата ќе одреди нов датум за одржување на претседателските избори и изборни активности, пренесе Аџерпрес.

Романскиот претседател во заминување Клаус Јоханис во средата објави декласифицирани документи во кои детално е опишана, како што рече, масовна и „високо организирана“ кампања за Ѓордеску на ТикТок, наводно координирана од „државен актер“.

Документите вклучуваат разузнавачка проценка дека Русија извршува хибридни напади против Романија, која ја гледа како „непријателска држава“.

Во документите се наведува дека Романија била цел на „агресивни хибридни руски напади“ за време на изборниот период.

Десничарскиот независен кандидат Калин Ѓорѓеску победи во првиот круг од изборите на 24 ноември, а проевропската кандидатка Елена Ласиони влезе во вториот круг.

Вториот круг на гласање требаше да се одржи на 8 декември, а во некои места во странство веќе почнало гласањето.


Од истата категорија