Основниот кривичен суд Скопје, ја објави пресудата за неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, против обвинетиот Васил Јованов од Скопје, кој е осомничен за сообраќајната несреќа во која завчера животот го загуби 22-годишната Фросина Кулакова.

Како што стои во решението, по одржаната главна расправа, која започнала на 24 јули 2024 година и завршила на 31 јули 2024 година, судот во состав на судијата Даниела Алексовска-Стојановска и судиите поротници Весна Цветкоска и Милисав Таневски, го прогласиле обвинетиот за виновен и му изрекле воспитна мерка – упатување во воспитно-поправен дом до неговата 23-годишна возраст.

„Сите овие околности, судот ги ценеше во корелација со личните, семејните и материјалните прилики на обвинетиот, кој е многу млада личност, на возраст од неполни 20 години, а делата за кои се товари ги сторил во период кога имал 19 години, односно на прагот на полнолетсвото, кое нешто укажува на тоа дека во време на сторување на делата немал некое животно искуство како полнолетен. На оваа околност судот особено обрна внимание, со оглед на младоста на обвинетиот, кој немал доволно животно искуство како полнолетен, со оглед да со настапувањето на полнолетството секој млад човек се судира со проблемите и предизвиците за кои често се несвесни и истите не ги прифаќаат доволно сериозно. На оваа возраст помладите полнолетни лица често можат да западнат во сериозни проблеми, не размислувајќи за последиците, како и тоа дека постапките како полнолетни поинаку се третирани одошто истите би биле третирани во нивниот малолетничкиот период. Судот како олеснителна околност ја ценеше и семејната и материјалната положба на обвинетиот, кој е со завршено средно образование, моментално студент, невработен, неимотен, околноста дека обвинетиот не евидира во казнената евиденција, што значи првпат доаѓа во судир со законот, а против истиот ниту како дете не биле изрекувани воспитни мерки или казна затвор за деца, ниту пак се водат постапки за други кривични дела. Во контекст на сето погоре наведено, судот цени дека постојат законски претпоставки за примена на одредбата од чл.71 од Законот за правда на децата (Сл.весник на РСМ 66/24 од 20.03.2024 година), како lex specialis на и обвинетиот му изрече кривична санкција како во изреката на оваа одлука. Судот го респектира и го застапува ставот дека целите на кривичните санкции не треба да претставуваат казнување и одмазда на сторителите, туку пред сè нивна ресоцијализација за да во иднина не се јавуваат како извршители на други кривични дела“, се вели во решението на Судот.

Јованов претходно бил пријавуван и за друга сообраќајна незгода од 4 ноември 2022 година, во која едно лице се здобило со полесни повреди.

Во Скопје денеска стотици граѓани се собраа на булеварот Партизански одреди на протест, барајќи правда за трагичната смрт на младата Фросина, која беше прегазена додека поминувала пешачки премин во близина на пекарата „Силбо“. Граѓаните продолжија да маршираат кон Собранието, а потоа кон Кривичниот суд.

Протест се одржа и во родниот град на Фросина, Неготино, а за в недела е најавен протест и во Кавадарци.

Граѓаните се револтирани што после Судот го пуштил од притвор после изрекувањето на мерката за делото трговоја со дрога. Од Сугот потенцираа дека тоа е согласно законот.

Судот денеска и со соопштение праша дали за системскиот проблем со црните сообраќајни точки, каде не ретко се случуваат сообраќајни несреќи, вината е на судството.