Европскиот суд на правдата времено ја суспендираше одлуката на Европскиот парламент за одземање на имунитетот на каталонските сепаратисти, кои се пратеници во тоа тело.

Благодарејќи на таквата пресуда, поранешниот каталонски лидер Карлес Пуџдемон и двајца негови соработника повторно се стекнаа со имунитет, но привремено.

– Денеска сме поблиску до тоа да ги слушнеме конечните аргументи кои велат дека сме во право, ја коментираше Пуџдемон судската одлука.

Тој и неговите двајца соработника поднесоа жалба до Судот на правдата на ЕУ откако европартениците, на барање од Шпанија, во март гласаа да им биде укинат имунитетот.

Пуџдемон, поранешниот каталонски министер за здравство Тони Комин и поранешната министерка за образование Клара Понсати нагласија дека стравуваат од апсење, врз основа на барањето на Шпанија да бидат екстрадирани.

Судот објави дека донел одлука за да има доволно време за детално разгледување на нивниот случај, без да соопшти дали се согласува со аргументите на тројцата пратеници.

Тројката побегна од Шпанија во 2017 година откако каталонските власти, предводени од Пуџдемон, не успеаја да издејствуваат независност на Каталонија. Тие обезбедија мандат на европратеници на изборите во 2019 година, како кандидати на каталонските сепаратистички партии.

На нив им се заканува апсење во Шпанија, каде 12 нивни соборци се осудени на затворски казни поради поттикнување бунт и злоупотреба на јавните средства.