Судските работници нема да добијат додатоци, оти Министерството за финансии не дава пари. Судскиот буџетски совет добил известување дека министерството не дозволува пренамена на средства. Синдикатот е незадоволен и најави едночасовен протест, утре во 10 часот пред сите судови во Македонија, известува ТВ Сител.
„Министерството за финансии прави опструкции. И за додатоците на плата и за основицата на плата. Видовме неколку дописи каде што министерството за финансии не дозволува, иако има средства во судскиот буџет кои се пренаменети, не знам кои причини не дозволува да ни се префрлат средствата наменети за судската служба.“ – Јасмина Величкова, претседател на синдикат на судска служба.
За судските службеници предвидени се 4 вида додатоци на плата: за доверливост, ризик, прекувремена работа и посебни услови. Од синдикатот велат дека со години немало проблем за исплата на парите, но откако се покачија функционерските плати, немале земано ниту денар.
„Додатоците се во висина од 5 до 35% од кои континуирано месечно ни се исплаќаше по 5, 10, 15%. Што значи, и 10 % да е, ако е 20 илјади денари, толку е платата на секој судски службеник, за две илјади денари месечно. Но, откако се покачи платата на функционерите за 78% тие додатоци ние повеќе не ги добиваме.“ – Јасмина Величкова, претседател на синдикат на судска служба.
Од Судскиот совет велат членовите максимално се заложија да најдат начин за исплата на додатоци на плата за вработените во судството, имајќи ја предвид преоптовареноста во работењето на судската администрација, вработените во ССРСМ и Академијата за судии и јавни обвинители, нивните барања, односно најавите за штрајк, како и фактот дека правото на додаток на плата е утврдено согласно важечките законски одредби.
Со одлуката засегнати се над 5 илјади вработени. Величкова тврди дека поради лошите услови, секој ден се празнат работни места.
„Техничката служба воопшто нема додатоци. Тоа се сите службеници, стручни соработници, доставувачи, дактилографи. Сите освен судиите. А ние заедно работиме со судиите. Судот се празни веќе. Ќе останеме без вработени. Секој ден даваат откази. Немаме информатичари, немаме доставувачи, стручни соработници веќе немаме.“ – Јасмина Величкова, претседател на синдикат на судска служба.
Судската администрација е незадоволна и со покачувањето на платите од 10%. Според нив, ова е премала сума и бараат најмалку 30%. Доколку власта нема слух на нивните барања, најавија генерален штрајк од септември.