Судските службеници, судската полиција и помошно-техничката служба во Основниот суд Скопје 1 најавуваат штрајк доколку за нив не се обезбедат финансиски средства за исплата на додатоци на плата.
Бараат Судско-буџетскиот совет да донесе одлука за обезбедени финансиски средства за потоа да може претседателот на Основниот суд Скопје 1 да донесе решение за исплата на додатоците на плата.
Тие оставаат рок до 15 февруари, а доколку тоа не се случи, веќе од 16 февруари ќе стапат во штрајк кој ќе трае до исполнување на нивните барања.
– Оваа исплата не е врзана со исплатата на платата (видовме дека на судиите им беше исплатена три пати во декември), што значи дека таа може да се исплати и после плата, односно да ни биде исплатена до крајот на февруари. Само е потребна волја на надлежните. Сакаме да истакнеме дека не сакаме да вршиме притисок, но навистина сметаме дека ние сме обесправени. Вработените во овој суд се лица кои секојдневно работат во исклучителни услови, висок ризик на работа, доверливост, прекувремена работа и зголемен обем на работа. Досега надлежните се оправдуваа дека нема законска можност, но еве со волја и тоа се надмина и сега имаме законско право на дадаток на плата поради што апелираме до надлежните во рамки на своите надлежности, да ги исполнат нашите барања – пресметка и исплата на додаток на плата за јануари 2019 и пресметка и исплата на додаток на плата од 35 проценти за секој месец во иднина, се наведува во соопштението.