Досегашниот претседател на скопскиот Основен кривичен суд, Иван Џолев, со одлука на Судскиот совет денеска е определен за вршител на должност претседател на Кривичниот суд Скопје.
Судијата Џолев, како што изјави портпаролот на Судскиот Совет, Љубиша Арсиќ, е определен на оваа должност заради континуитетот во работата и затоа што Судот под негово водство спаѓа во листата ажурни судови.
Арсиќ и истакна дека во блиска иднина ќе биде објавен оглас за избор на претседател на Основен кривичен суд – Скопје, како и на други три основни судови – Тетово, Куманово и Ресен.
Тој воедно истакна дека во случајот со определување на в.д. претседател на Основниот кривичен суд, Судскиот совет постапи според членот 89 од Законот за судовите.
– Во случај на разрешување или престанок на мандатот на претседател на суд, до избор на нов претседател на судот, Судскиот совет на Република Северна Македонија од редот на судиите во судот определува вршител на должноста претседател на судот кој во последната година е оценет со највисока позитивна оцена и во однос на останатите судии има добиено најголем број бодови, рече Арсиќ и посочи дека Судскиот совет не избра претседател, туку определи, согласно законот, вршител на должноста претседател на Основен Кривичен суд.
Од таму уште додадоа дека според законските одредби, оглас за избор на претседател на суд се распишува 60 дена пред истекот на мандатот, но овие 60 дена се погодија во кампањата на локални избори.
– Локалните избори беа закажани на почетокот на август, а имајќи ја предвид препорката на Антикорупциската комисија, дека Судскиот совет не смее да избира и разрешува судии за време на изборна кампања, едноставно не можеше да се распише оглас за избор на претседател, рече Арсиќ, истакнувајќи дека за определување на в.д. претседател на суд не е потребно распишување на оглас.