Американците се поделени околу кривичното гонење на поранешниот американски претседател Доналд Трамп, но се чини дека тоа ги зголеми неговите шанси да ја освои републиканската претседателска номинација во 2024 година, покажаа резултатите од анкетата на Ипсос.
Анкетата беше спроведена вчера и завчера по локално време, откако во вторникот е објавено обвинението од 34 точки од њујоршкото обвинителство против Трамп за фалсификување деловни документи и сослушувањето на Трамп во судот на Менхетен.
Истражувањето покажа дека 49 отсто од Американците сметаат дека е правилно што обвинителството го покрена првото кривично дело досега против еден поранешен или актуелен американски претседател.
Околу 84 отсто од тие кои се изјаснија како демократи рекоа дека обвиненијата се оправдани, додека само 16 отсто од републиканците се согласија со тоа.
Околу 40 отсто од републиканците рекоа дека случајот ги зголемил шансите да гласаат за Трамп во 2024 година, додека 12 отсто рекоа дека поради тоа се помали шансите дека ќе го поддржат.
Останатите 38 отсто рекоа дека тоа немало никакво влијание врз нивното мислење.
Трамп води во трката за републиканска номинација со голема разлика, имајќи предвид дека 58 отсто од републиканците велат дека тој е кандидат кој го преферираат, што е повеќе во однос на тие 48 отсто во анкетата на Ипсос објавена во понеделникот.
Гувернерот на Флорида, Рон Десантис, кој се уште не влезе во трката за номинација, е на второто место со поддршка од 21 отсто.