Судскиот совет (СС) функционира законски и во согласност со надлежностите дадени во Законот за Судски совет, ова е заклучено на денешниот работен колегиум на кој се отфрлени како неосновани тврдењата на холандскиот амбасадор Дирк Јан Коп дека новиот претседател на СС е избран во нелигитимна процедура и затоа се става во мирување четиригодишниот проект финансиран од оваа земја.
-Членовите потенцираат дека првиот човек на СС е избран на седница со потребниот број на гласови утврдени во Законот за ССРСМ. Советот ги повика надлежните да ги испитаат сите сомнежи за корупција, а воедно потсетуваат дека Врховниот суд дополнително и во законска процедура ги проверува сите одлуки донесени за проверка за одговорноста на судиите преку жалбениот Совет, се наведува во соопштението од работниот колегиум на членовите на Судскиот совет.
Холандскиот проект, како што е посочено во соопштението, трае четири години и се состои од три компоненти: ефикасност, отчетност, транспарентност и регионална соработка и во моментот се наоѓа во третата проектна година.
Амбасадорот Коп вчера во неделното интервју за Радио Слободна Европа соопшти дека Холандија ставила во мирување проект поврзан со Судскиот совет, кој, како што рече, стана нелегитимно тело.
Прашан за состојбата на правосудниот систем, холандскиот амбасадор рече дека тоа е централно прашање, кое Холандија го следи внимателно.
-Тоа е дел од поглавјето „основи“ кое прво се отвора, а последно се затвора и ќе остане од висока важност во целиот процес. Но, она што ние напротив го гледаме е дека сите случаи на СЈО, еден по еден тонат, а тоа е многу лош развој, а сега го имаме и случајот со Судскиот совет кој всушност стана нелегитимно тело. Тоа е многу сериозно и болно за гледање. И поради тој преседан, Холандија сега стави во мирување еден голем проект поврзан со Судскиот совет. Ситуацијата е многу сериозна, изјави Коп.