Над 100.000 судски предмети се нерешени, па илјадници граѓани напразно очекуваат епилог од судовите. Во меѓувреме од судството се жалат дека имаат вкупно 410 судии, а за нивната работа да биде што поефикасна потребни им биле 630. Од Судскиот совет тврдат дека моменталната распределба на судиите не одговара на потребите, бидејќи процесот бил направен пред пописот на населението,објавува Алсат.
„Според систематизацијата ни требаат околу 630 судии и затоа велиме дека ни недостасуваат судии. Дојдовме до бројот 630 откако направивме анализи во сите судови во земјата, пред сè имајќи го предвид бројот на предмети по кои судиите треба да постапуваат во текот на годината“, рече Љубиша Арсиќ, Портпарол на Судскиот совет.
Покрај бројот на судии, резултатите од пописот на населението го доведоа во прашање и постоењето на некои судови во земјава. Според стандардите на ЕУ, во општините со помалку од 20 илјади жители судови не се потребни. Според тоа, земјава нема потреба да има основни судови во Крушево, Ресен, Берово, Виница и Кратово.