Состојбата на патната инфаструктура е клучна за економскиот развој, конкурентноста на економијата, привлекувањето инвестиции…
Старите патишта треба да се обновуваат, а новите да се градат според најновите стандарди, на база на стручни научни анализи и со примена на најновите технологии, но рамномерно за да се развиваат сите делови од државата. Репер да биде она што се смета како нормално ниво во Европската унија. Инвестиции и се потребни и на науката за да може да понуди кадар што ќе одговори на предизвиците од новата технологија и модернизацијата.
Тоа се дел од пораките од Првиот македонски конгрес за патишта што се одржува од денеска во Скопје со учесници од 15 држави кои ќе презентираат 70 научни труда на најразлични теми, од традиционалните за изградба и проектирање до современите предизвици на транспортната политика, заштитата на животната средина, новите технологии….
По ослободувањето во Македонија во 1945 година имало само пет километри патишта, а денес имаме околу 300 километри автопатишта и повеќе од 14.000 километри патишта од сите останати класи. Тоа, беше истакнато на конгресот, е дело на нашите инженери за патишта од сите генерации со кое можеме да бидеме горди.
– Во моментов во развиените земји во Европа и светот на глобално ниво се наметнуваат нови барања и цели. Се работи на редуцирање на штетното влијание од патниот сообраќај врз околината, се воведуваат возила на електричен погон, се прават истражувања со автономни возила. За тоа време кај нас се гради и докомплетира основната автопатска мрежа, а воедно интензивно се работи на рехабилитации и реконструкции на постојните патишта во експлоатација со должина од 800 километри, како и санација, реконструкција и градба на нови мостови, рече директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Зоран Китанов.
Нашата земја, како што дополни, повеќе години се наоѓа во голем инвестициски циклус на развојот на својата патна мрежа со што не само што се комплетира финалниот изглед на патната карта, туку се стекнуваат нови знаења и искуства во примена на нови технологии и материјали, се следат и современите тенеденции во безбедноста на патиштата, а секако и се учи на неизбежните грешки при изградбата од минатото.
Премиерот Зоран Заев на отворањето на конгресот порача дека севкупниот развој на државата не е возможен без добра патна инфраструктура.
– Сите лидери од овде од регионот најчесто зборуваме за поврзување, за укинување и намалување на царинските чекања или слично, но ништо не е возможно без добра патна инфраструктура. Верувам дека овој Прв македонски конгрес ќе остави длабока трага во севкупната модернизација на проектирањето и изградбата на патната инфраструктура заради тоа што овде, преку овој Конгрес ќе може да се научат нови сознанија, нови методи, нови техники коишто дефинитивно ќе помогнат во унапредувањето на квалитетното проектирање, надзор и изведба на модерна патна инфраструктура, рече Заев.
Според ректорот на УКИМ Никола Јанкуловски, треба да се настојува развојот на патиштата во државава да биде рамномерен за да има прогрес во сите делови од државата.
– Репер за развој на инфаструктурата треба да биде она што се вика нормално ниво во Европската унија. Надлежните институции треба да продолжат да инвестираат и во научно стручниот кадар кој во иднина ќе може да произведе кадри кои ќе ги реализираат сите значајни инженерски предизвици. Развојот на науката, технологијата на изведба, како и новите материјали бараат постојана едукација и усовршување на инженерскиот кадар, наведе Јанкуловски.
Претседателот на Друштвото за патишта Горан Милевски забележа дека во следниот период една од главните задачи која ќе се наметне пред нашата патна администрација, освен изградбата, ќе биде и односот кон веќе изградените патишта за нивно одржување и експлоатација.
Дел од предизвиците, како што рече, е и староста на лабораторијата на Градежниот факултет која потекнува од 80 години на минатиот век и не може да одговори на сите денешни предизвици и барања не само на постојниот инвестициски циклус, туку и на современите тенденции на високото образование.
Ресорниот министер Горан Сугарески наведе дека како држава потенцијална членка на ЕУ посебно внимание се посветува на унапредување и модернизација на патиштата и оти за што говори и тековниот инвестициски циклус. Тековната инвестициска програма за изградба и обнова на целата патна мрежа изнесува над милијарда евра. Досега, информира Сугарески, се завршени активности на 750 километри во вредност од половина милијарда евра, а се работи на изградба и обнова на 400 километри.
– Сето ова ја покажува нашата сериозност и решителност во унапредување на патната мрежа. Покрај основните цели на модернизација на патишта, политиките што ги спроведуваме се во насока а развивање на хармонизиран транспортен сектор кој го интегрираме во европскиот систем на транспортни мрежи, рече Сугарески.