Со заклучок на Владата, Министерството за финансии треба да ги обезбеди средствата за третата делница и на тој начин во наредниот период да бидат тендерирани, согласно роковите до 2025 година компленто да биде завршена пругата од Куманово до Бугарија, изјави денеска министеротот за транспорт и врски Горан Сугаревски.

Тој, заедно со вицепремиерот Кочо Анѓушев и директорот на МЖ Инфраструктура Ирфан Асани, денеска извршија увид во околината на Шупљи Камен каде се изведуваат градежни активности од првата фаза од железницата од Македонија кон Бугарија, на железничката линија Куманово – Бељаковце.

За година и половина, изградбата на оваа траса е интензивна, рече вицепремиерот Анѓушев, кој изрази задоволство од постигнатите резултати.

 -Во моментот кога оваа Влада ја презема одговорноста  беа изградени само 23 проценти од трасата, наназад петнаесетина години, колку што трасата се споменува. Сега веќе за овие година и половина, напредокот е до 42 проценти или некаде околу 70 проценти од градежните активности. Оптимисти сме, мислам дека сериозно ги задвиживме напред работите во градењето на оваа траса, тоа може да се види, изјави Анѓушев.

Ова е прва од трите делници на пругата кон Бугарија, која ја гради германската компанија ВИБЕ, која чини околу 40 милиони евра, кредит од ЕБРД. Втората траса е под евалуација, информираше вицепремиерот. Тендерот за технички квалификации е завршен.

-Има задоволителен број на квалитетни компании кои што се пријавија, евалуацијата е во тек, очекуваме наскоро да заврши и во скоро време и до крајот на годината ќе влеземе во имплементација и на втората фаза која што чини 140 милиони евра од кои 68 милиони евра се грант од Вест Балкан Инвестмент Фанд, односно во рамките на Берлинскиот процес и остатокот е кредит, повторно од ЕБРД-изјави вицепремиерот.

Третата делница е проектирана и се очекува во најскоро време да се обезбедат финансиски средства и за таа делница.

-Таму имаме 60, 8 милиони евра грант од ИПА од ЕУ, благодарни сме што и ЕУ и Вест Инвестимент Балкан Фондот ја препознаа оваа пруга како важна за коридорот осум, за целокупниот економски развој во Македонија и инфраструктурното поврзување со Бугарија. Целата делница ќе чини над 580 милиони евра од Куманово до границата со Бугарија, рече вицепремиерот.

Најскап ќе чини последниот дел од Крива Паланка до границата, бидејќи ќе биде со вијадукти и тунели кој, рече Анѓушев ќе чини 405 милиони евра, кој што 60,8 милиони евра се грант од ИПА.

-Граѓаните на Македонија се изморени слушајќи за оваа делница многу години, без конкретна реализација, сега конечно можеме да кажеме дека последниве дванаесет месеци имаме сериозна реализација во бројки над 30-тина проценти имплементација на градежните работи и очекувам таа динамика сега да биде побрза, истакна Анѓушев.

Министерот за транспорт и врски, Сугарески изјави дека изградбата на железничката пруга на Коридорот 8 е врвен приоритет на Владата. Според него и  склучувањето на Меморандумот со Бугарија околу железничкото поврзување го покажува интересот на Владата за зголемување на економскиот развој на државата, но и  овозможување за компаниите да освојат нови пазари.

-Најбитно од се што на оваа пруга се решени големите проблеми, кои што како Влада во 2017-та ги затекнавме, она што не информираше директорот е дека интензивирана е работата тука, тоа го потврдија изведувачите и надзорите, така што нашите очекувања се дека до наредната година оваа пруга ќе биде конкретно завршена, изјави Сугарески.

По завршувњето на оваа делница ќе отпочне изградбата на втората од Бељаковце-Крива Паланка, за што потсети обезбеден е грант средства.

Тој вели дека она што последниве триесетина години постојано се зборувало, овој период ќе се заврши во делот во делот на железничката и патната инфраструктура.

Директорот Асани изрази благодарност до Владата за поддршката за оваа делница, истакнувајќи дека најпроблемтичните делови се завршени.

-Мислам дека до 31 декември, ние ќе можеме да кажеме дека пругата е завршена. Во Шупли Камен сме и тоа значи дека некаде средина на тие 30 километри Куманово-Бељаковце, осум километри имаме нова пруга која е подготвена и дел се употребува за возови кои одат до фабриката „11 Октовмри“, рече Асани.

Тој очекува да се реши и подвозникот кај село Лопате и Владата ќе најде решение од кое бенефит ќе имаат жителите од тој реон но и на коридорите.

-Со Владата гледаме можност и за Кичево да активизираме, да бараме финансиски средства, тоа го разговараме, преговараме, затоа што коридор осум без дел од Кичево-Албанија без поврзување на двете страни од коридорот нема да е целосен, изјави Асани.

Тој одговарајќи на новинарски прашања истакна дека голем дел од експропријацијата е завршена, има дополнителни кои се случуваат на лице место.

-Има мал дел кој не пречи за изведување на градежни работи, тој дел на експропријација кој се поврзува  со пристапните патишта како овој или други или една поголема парцела имаше под хипотека, успеавме да го решиме. Решивме и голем дел на археолошки наоѓалишта, посочи Асани.

Со Бугарија, додаде се разговара преку министерствата, со железници постојано се разговара и има подготвено драфт договор кој ќе ги поврзе двете земји во тунелот, бидејќи таму ќе се соединат двете држави.

Министерот Сугарески информираше дека нареднаа недела со надлежните од Бугарија ќе се разговара на оваа тема.