Светот оваа година е погоден од една од најраспространетите суши регистрирани во последните децении, велат научниците.

Во некои области се уриваат рекорди, а сè почести се и краткотрајните суши.

„Ова е доста исклучителна година за сушата низ северната хемисфера.

„Рекордни суши истовремено ги погодуваат Северна Америка, Европа, Медитеранот и Кина“, вели Бенџамин Кук, постар научник на НАСА и истражувач на сушата.

Експертите велат дека сушата зафатила и други региони, како што се Источна Африка, Јужна Америка, неколку региони во Азија и некои делови од Австралија.

Рогот на Африка е меѓу најтешко погодените региони, каде четири последователни сушни сезони предизвикаа „најлоша суша во последните 40 години“, вели Нур Мохамуд Шек, портпарол на регионалниот трговски блок (ИГАД). Тоа се одразува на достапноста до храна за околу 50 милиони луѓе.

Во извештајот на Конвенцијата на Обединетите нации за борба против дезетификација (UNNCCD) се наведува дека Африка е погодена од суша почесто од кој било друг континент.

Од 2000 до 2019 година се забележани 134 суши, а речиси половина од нив ја погодиле Источна Африка, се вели во извештајот.

Вонредна состојба поради сушата прогласи Кина.

Во оваа земја високите температури пресушија некои реки, меѓу кои и делови од Јангце.

Оваа река е трета најдолга во светот.

Производството на хидроенергија во провинцијата Сечуан значително се намали, што предизвика прекини во снабдувањето со струја, запирање на сообраќајот на некои водни патишта и големи штети на повеќе од два милиона хектари обработливо земјиште во шест провинции, соопштија властите.

Рекордно ниски количества врнежи се забележани во Западна Европа, според Коперниковата служба за мониторинг на атмосферата, додека земјите од Централна Азија, како Авганистан и Иран, повеќе од една година се соочуваат со тешки сушни услови.

На јужната хемисфера, Јужна Америка е тешко погодена во последните години.

Сушните периоди доведоа до пад на жетвата на жито од 2020 до 2021 година за речиси три проценти, додека централно Чиле доживува 13-годишна „мегасуша“ – најдолгата во регионот овој милениум, се вели во извештајот на ОН.

Во истиот документ пишува и дека „повеќегодишната суша во басенот Парана-Ла Плата, најлоша од 1944 година, го погодува централниот и јужниот дел на Бразил и делови од Парагвај и Боливија“.

„Блиц суши“

Научниците велат дека сушите се развивале со години, а дека денес на многу места и тоа се менува.

Малите количества врнежи и екстремните жештини заедно предизвикуваат суши кои брзо почнуваат, како што е забележано во некои области на северната хемисфера ова лето.

„Она што го гледаме сега го нарековме „блиц суши“. Тие може да траат од еден до три месеци, но да бидат и катастрофални ако се појават во екот на сезоната кога ги загрозуваат посевите или кога има поголем ризик од пожари“, рече Роџер Пулварти, постар научник во американската Национална управа за океани и атмосфера.

Места склони кон нагли суша постојат во Бразил, Сахел, Големата раседна долина, Индија, централниот дел на САД, југозападна Русија и североисточна Кина, додава истражувачот.

Научниците велат дека е премногу рано да се каже дали 2022 година ќе биде полоша од 2012, која се смета за најлоша година во поновата историја кога станува збор за сушите.

Современите извештаи и записи не се доволно прецизни и тешко е точно да се каже кои години биле најсушни, но научниците велат дека ова е година со најраспространети суши.

Научниците не се оптимисти за иднината.

Истражувачите со години предупредуваат дека глобалното затоплување ќе го зголеми ризикот од суши во одредени региони, поради намалените врнежи и влажност на воздухот.

Очекуваат сушните периоди да бидат сè почести.

Ако глобалното затоплување достигне три Целзиусови степени до 2100 година, како што се предвидува, освен ако сегашното ниво на емисии на јаглерод диоксид не се намали, економските последици од сушата би можеле да бидат пет пати поголеми од денешните, се предупредува во извештајот Суша во бројки, што го објави UNCCD.

„Без оглед на тоа како климатските промени влијаат на годинашните специфични суши оваа година, ние треба да се подготвиме за вакви појави додека продолжуваме да се движиме кон потопла иднина“, вели Кук од НАСА.

(Би-Би-Си)

Фото: ЕПА/МИА