Денеска е 3 февруари (според стар стил) и се слави името на Св. Николај Јапонски.
Мисионерите, Православната црква често ги нарекува „рамноапостолни“, односно оние кои се трудат со ревноста и на начинот на првите апостоли. Понеодамнешен пример за ваков светител е свети Николај, кој му ја донесе светлината на Православието на јапонскиот народ.
Роден е на 1 август 1836 година во Смоленскиот регион во Русија. Матурирал како првенец, а во 1856 почна студии на Богословската академија во Санкт Петербург. Таму прочитал соопштение во кое се барало некој да служи како главен свештеник во црквата на Руската амбасада во Јапонија, на коешто се одзвал.
Во Јапонија тој започнал со сериозно изучување на јазикот, културата и историјата на земјата. По неколку години интензивно учење, о. Николај преобратил во Православието еден самурај, зет на шинто свештеник, заедно со уште двајца други.
Светителот не се обидувал да покрстува голем број луѓе, туку се стремел оние што ќе ги преобрати да бидат цврсти во верата. Овие први покрстени потоа му помагале како вероучители, и тој наскоро имал група од 15 христијани, а во 1873 година бројот на православните верници достигнал 1.000 души.
Вероучителите, како нови апостоли, проповедале и вршеле служби во домовите и ги користеле тие домови како мисионерски центри. На овој начин биле основани над 250 мисии за време на животот на свети Николај. Тој исто така основал и верски училишта, а во 1878 година отворил богословска семинарија за образование на јапонското свештенство. Покрај богословските науки, тука се изучувале и јапонскиот, кинескиот и рускиот јазик, како подготовка за преводот на сите делови од Светото Писмо, како и на други неопходни текстови.
Во 1880 година свети Николај бил ракоположен за прв епископ на Јапонија, а веќе во 1884 година почнал со изградба на прекрасен соборен храм во Токио, посветен на Христовото Воскресение, кој бил завршен и осветен во 1891 година.
Руско-јапонската војна од 1904-1905 година бил испит за свети Николај и за православните христијани во Јапонија. Со длабоко расудување, тој им дозволил на свештениците да вршат Молебни за победа на Јапонија, додека самиот не учествувал во нив. Иако му била понудена заштита од страна на Русите, тој ја одбил, претпочитајќи да остане со својата паства.
Во 1906 г. владиката Николај бил воздигнат во чин на Архиепископ. Се упокоил на 3 февруари 1910 година.