Денеска според календарот на МПЦ е Св. Теодор Анкирски.
Св. Теодор живеел во времето на римскиот цар Диоклецијан, во градот Анкира. Таму држел меана, што ја користел за да им помага на христијаните, што се криеле во околните планини и пусти места.
Во една прилика кога бил излезен до едно езеро во близина на градот, со цел да ги прибере телата на седум маченички – Тегуса, Александра, Клаудија, Фаина, Ефрасија, Матрона и Јулија, и чесно да ги погребе, бил предаден од еден свој пријател како христијанин (во тоа време хрстијаните биле гонети и погубувани само поради името христијани).
Свети Теодор пострада маченички од рацете на џелатот во 303 година.
Според католичкио календар денеска е Празник на телото и крвта Христова.
Неколку часови пред да биде осуден и измачуван, Исус Христос мислел не само на своите ученици, туку и на своите пријатели во далечната иднина. Тој нам ни го остави своето тело и својата крв во Пресветата Еухаристија.
На последната вечера, земал леб и вино и со помош на божествената моќ ја претворил во свое тело и своја крв. Тогаш им се обратил на апостолите и на сите свои пријатели во далечната иднина со зборовите: Јас ве оставам, умирам за гревовите на светот, но останувам со вас до крајот на светот.