Денеска според календарот на МПЦ е Св. свештеномаченик Терапонт.
Во времето на своето страдање, во третиот век, Терапонт беше епископ на малоазискиот град Сард, некогашна престолнина на областа Лидија. Неколку години по страшниот прогон на Декиј, што се случуваше во средината на третиот век, императорот Валеријан ги обнови прогоните, издавајќи два едикта против христијаните.
Едниот од нив беше насочен против првенците на црквата, т.е. против свештенството. Свети Терапонт до тогашното време се беше истакнал како одличен духовен раководител во својата црква, па како таков беше затворен, воден во окови до неколку градови во Мала Азија, мачен со глад и жед, камшикуван, а по сите тие страдања, поради цврстината на својата вера, најпосле беше обезглавен во 259 година.
Според католичкиот календар денеска е Св. Ефрем Ширак. Тој бил значаен писател во сириската црква. Го нарекувале „харфа на Светиот Дух”, бидејќи пишувал за Светиот Дух.
Во 1920 година, црквата го прогласила за црковен учител. Бил роден во 306 година, во Нисибиси. Уште како млад се одлучил за духовниот сталеж. Се борел против кривоверството кое го ширел Ариј. Ариевото кривоверство за Исус Христос го побивал со Светото писмо. Бил познат по заштитата и помошта, која им ја давал на сиромашните во 373 година. Истата година, Свети Ефрем умрел.