Православните верници денеска го прославуваат Св. Василиј Острошки, исцелител чии чудотворни дела се широко познати. Родум е од Попово Село во Херцеговина, од родители прости, но благочестиви. Од малечок бил исполнет со љубов кон Божјата Црква, а кога пораснал отишол во Требињскиот манастир на Успение на Пресвета Богородица и прими монашки чин.
Набрзо се прочул со својот сериозен и редок подвижнички живот, зашто себеси си налагал подвиг врз подвиг, се потежок и потежок. Подоцна е посветен за епископ Захумски и скендериски, наспроти неговата волја.
Како архиереј прво живеел во манастирот Тврдош и оттаму како добар пастир го утврдувал своето стадо во православната вера, чувајќи го од турската свирепост и од латинското лукавство. А кога непријателите многу го притесниле, а Турците го разориле Тврдош, се преселил во Острог, каде што тврдо се подвизувал, оградувајќи го своето стадо со непрестајни молитви.
Се упокоил мирно во Господ во 16 век. Неговите мошти останаа цели и целебни, нераспадливи и чудотворни до денешен ден. Чудата на гробот на Св. Василиј се безбројни. Кон неговите мошти притекнуваат и христијаните и муслиманите и наоѓаат исцеленија во најтешките маки и болести.
Доказ за светоста на Василиј е чудотворната моќ на неговото тело. Тој, кој во својот земен живот личел повеќе на ангел отколку на човек, го воздигнал својот дух до престолот Божји, а своето тело го обесмртил. Тоа свето тело за време на земското живеење било храм на светиот дух, а по разделувањето со душата, станало ризница на благодети.
Не можат да се набројат разните чудесии, кои Господ преку него ги правел и кои секој ден ги прави и покажува над секој оној кој доаѓа да побара помош од овој голем светец и учител, двигател на православната вера.
Секоја година на Педесетница во Острог има голем народен собир.