Свети Василиј Велики е еден од најголемите Отци на Црквата Христова низ вековите. Голем православен богослов, црковен пастир, целосно посветен на Црквата и народот. Тој ја бранел Црквата, им помагал на сиромасите, ги украсувал храмовите, основал манастири, подигнал болници, старечки домови и прифатилишта. На народот му го толкувал зборот Господен, пишувал книги, а неговите канонски поуки и совети станаа канони за целата Црква.
Роден е во времето на царот Константин, во 330 година во Неокесарија, во Понт, од родители Василиј и мајка Емилија, кои потекнувале од познати и богати фамилии, но уште позначајни по својата христијанска вера и живот. Свети Василиј Велики починал на само 49 години, на 31 декември 378. Погребан е свечено на 1 јануари 379 година (по јулијански календар). Кога починал бил испратен од целиот град Кесарија, и христијанското и нехристијанското население, во знак на благодарност за многуте сторени добри дела.
Стекнал врвно образование
Свети Василиј најпрвин се школувал кај својот татко, кој бил реторичар во Неокесарија. По татковата смрт околу 345 година, тој го продолжи понатамошното образование во Неокесарија Кападокиска каде се сретна со Григориј Назијанин, а школски другар му бил и и Јулијан, подоцна цар отстапник. Свети Василиј заминал за Цариград, каде кратко време учел кај елинскиот ритор Ливаниј, а потоа во 352 година заминал во Атина. Таму 15 години изучувал филозофија, дијалектика, реторика, астрономија па дури и медицината. Василиј станал голем ерудит. Големиот познавач на класиката Фотиј го става во ранг со Платон и Демостен.
Како ученик бил таков што по мудрост се натпреварувал со своите учители, па дури и ги надминал.
Атинското образование и заедничкиот живот во подвижништво со Свети Григориј им е најубавиот период на нивниот живо Очигледно Василиј уште од младоста беше многу обдарен со мудрост и таленти. Без обѕир на големото врвно образование Василиј никогаш не се гордеел со своето знаење.
Од Атина доаѓа во Кесарија, каде, како повозрасен, е крстен од епископот Кесариски Дијаниј , а потоа ракоположен за отец во Црквата. По темелното проучување на Светото Писмо, а особено по средбите со сестра си Макрина и познанството со познатиот подвижник Евстатиј, Свети Василиј пројавил голема
желба да се замонаши. Го раздава својот имот на сиромасите и тргнува кон Исток, кај познатите подвижници во Александрија, Египет, Палестина и Месопотамија.
Во 360. година е ракоположен за ѓакон, а потоа за свештеник. Станал епископ есента 370. година, по смртта Евсевиј. Во својата Црква богослужбениот живот го збогатил и создал харитативна дејност. Монасите од пустина ги повлекол во градот, поради непосредно служење на потребите и спасение на ближните.
Свети Василиј е најзаслужен за собирање на здрави православни сили на Исток, од кои најскоро потоа ќе биде составен вториот Вселенски Собор во Цариград, во 381. година, каде што ќе триумфира Православието против сите ереси и раздори со кои се борел.
Во црковните богослужби најчесто е нарекуван пчела на Црквата Христова, која им дава мед на верните и осило на еретиците. Сочувани се многубројни дела на овој отец на Црквата: апологетски, богословски, подвижнички и канонски; и литургија наречена според неговото име. Василиевата литургија се служи десет пати во годината, и тоа: на 1 јануари, наспроти Божик, на Велики Четврток и на Велика Сабота. Свети Василиј се упокои мирно на 1 јануари 379 година, кога се пресели во Царството на својот Господ. Дел од останките на Свети Василиј се наоѓаат и во црквата Свети Кирил и Методиј во Струмица.
Умира на 49-годишна возраст
Свети Василиј Велики уште како млад бил болен. Во едно од неговите дела напишал за себе вака: „Континуирани и насилни трески го исцрпуваа моето тело толку многу што не се разликувам од пајажина. Секој пат за мене е неминлив, секое дување на ветре е поопасно отколку бурата за морнарите. Кај мене болеста се заменува со болести.
Преподобен Јустин Ќелиски во житието за свети Василиј Велики ги опишува последните денови од животот на светителот.
Тој пишува за еден Евреин по име Јосиф, кој живеел во Кесарија. Тој бил толку искусен лекар, што три или пет дена пред смртта на некој, преку вените знаел дека тој ќе умре, му го кажувал часот на неговата смрт. Свети Василиј, кој знаел дека Јосиф ќе се сврти кон Христа, многу го сакал. И, честопати го повикувал да разговараат и го советувал да го напушти еврејскиот закон и да добие свето крштевање. Но, Јосиф одбивал, велејќи: „Во каква вера сум се родил, и таква сакам да умрам.
А светецот му велел: „Верувај ми, ниту јас ниту ти ќе умреме додека не се родиш со вода и со Дух. Бидејќи без оваа благодат е невозможно да се влезе во царството Божјо“. И кога се приближило времето светецот да замине кај Бога, тој се разболел и го повикал Јосиф Евреинот, наводно, да побара лекарска помош и му рекол: „Што мислиш за мене, Јосиф? А тој, допирајќи ги вените на светецот им рекол на домаќините: Подгответе се што е потребно за погреб, зашто тој веднаш ќе умре.
Василиј му рекол: Не знаеш што зборуваш.
Евреинот одговорил: Верувај ми, Владико, уште сонцето нема да зајде ти ќе умреш.
По кратк разговор Василиј му рекол дека ќе остане жив до утре, а лекарот ветил дека ако погрешил во проценката, ќе му ја исполни желбата да го крсти.
Василиј се молел на Господ да го поживее до утрешниот ден за спасение на Евреинот. И следното утро испратил луѓе да го повикаат лекарот Јосиф. Лекарот не можел да поверува дека Василиј е навистина жив, и отишол кај него самиот да се увери. И кога го видел жив, се запрепасил. Тогаш тој паднал пред нозете на светителот и му рекол: Голем е Богот е христијански, и не постои друг Бог освен Него. Затоа, се одрекувам од еврејството и и приоѓам на вистинската христијанска вера.
Тогаш отишле во црквата и пред сите го крстил Евреинот и целото негово семејство. И го нарекол Јован. Тој ден Свети Василиј самиот ја служеше светата литургија. И проживеа до три попладне. Потоа ги бакна сите за последен пат и се прости од нив и својата душа ја предаде во Божји раце. Почина на првиот ден од јануари 379 година.
Преданието за „Василопитата”
Преданието за „Василопитата” или лебот на свети Василиј Велики Во времето кога Божјиот угодник свети Василиј Велики (330-379) стана Архиепископ Кесариски, епархот на Кападокија, кој беше многу алчен и груб човек, имаше обичај редовно да доаѓа со својата војска и да го ограбува градот. Кога на свети Василиј му јавија дека епархот повторно доаѓа, тој побара од богатите луѓе во Кеасрија да го донесат сиот свој накит и златници. Кога епархот пристигна, свети Василиј го пречека и му го понуди богатството. Епархот се изненади и по некое чудо се засрами, така што одби било што да земе, ниту пак го ограби градот. Тој никогаш повеќе не се ни врати, ниту пак им досадуваше на верните од градот.
Свети Василиј остана со сиот накит и златници токму на Новогодишната вечер не знаејќи што на кого му припаѓа. Тогаш просветлен од Господ, тој ги замоли готвачите да направат мали лебови за секој верник. Во секој од лебовите тој стави
нешто накит и златници. На денот на Новата Година кога сите луѓе дојдоа во црква, тој на секого му даде по едно лепче.
Тоа што секој го имаше најдено во лепчето беше токму тоа што претходно го имаше дадено. За спомен на овој настан до ден денес се практикува на денот на свети Василиј Велики, односно на Новата Година (по стар календар) да се меси лепче со паричка во него. Лепчето се разделува така што првото парче е наменето за спомен на Господ наш Исус Христос, второто за Пресвета Богородица, третото за свети Василиј Велики. Понатаму лепчето се разделува на присутните. Оној кој ќе ја најде паричката го добива благословот на свети Василиј Велики за претстојната година.
МИА