Пораките за единство доминираа, а политичките пораки не изостана. Црковниот, политичкиот врв и други бројни гости присуствуваа на Свечената Светосавска академија којашто се одржа вечерва во Скопје, на националниот ден на Србите во Македонија.
Српскиот патријарх и архиепископот охридски и македонски дојдоа заедно. Пред присутните во Македонскиот народен театар се обрати само поглаварот на СПЦ, Порфириј.
Според познавачите на црковните состојби, токму посетата на поглаварот од Србија е добра прилика за да се резимира до каде е МПЦ-ОА на патот до целосна и потполна автокефалност во православниот свет, откако СПЦ го даде томосот пред три години.
Доживеавме да се собереме и заедно ние архиереите на двете цркви, а истовремено и една црква, заедно со високите државни претставници на Македонија, Србија, Црна Гора и Република Српска и претставниците на тукашните српски организации, драгите браќа и сестри скопјани и жителите на другите места и градови, да прославиме 850 годишнина од раѓањето на Свети Сава, кажа Порфириј, патријархот на Српската православна црква.
Свое обраќање имаше и премиерот Мицкоски.
Со Србија делиме исти вредности, рече Мицкоски, посочувајќи дека европските интеграции се наш заеднички стремеж и важен сегмент во заедничките односи.
Заедно се движиме по патот кон Европската Унија, со разбирање дека нашите народи заслужуваат стабилност, развој и интеграција во современиот свет, но и сестрано почитување на нашето. Она што сме, што сме биле и што ќе продолжиме да бидеме. Иако некако ние на тој пат поради поедини срамни одлуки на политички елити, како да заборавивме на овие вредности, кажа Мицкоски.
Сите гости, политичари од соседството, но и други високи претставници ги пречека вицепремиерот и министер за односи помеѓу заедниците – Иван Стоиљковиќ.
Им посака топло добредојде и од говорницата, а откри дека постои идеја презентирана од претседателот на Република Српска, Додик, за централната свеченост на празникот Свети Сава да се одржува секоја година во Македонија.