Судењето за пожарот во модуларната болница во Тетово продолжи со сведоците на одбраната. Првиот сведок беше од обезбедувањето во интернистичкиот оддел, Башким Ибрахими. Според него, во модуларната болница имало три ПП-апарати што тој ги видел додека работел во болницата.

„Во модуларната болница бев ангажиран како лице за одржување и надлежен за облека и лекови. Во текот на денот имаше потреба да влезам пет или шест пати. Видов три ПП-апарати, но апарати немаше во делот каде имаше пациенти во собите. Беа во ходниците и горе“, вели Башким Ибрахими.

Другиот сведок беше Исмаил Серани кој работел таму на одржување од 2015. И тој вели дека видел ПП-апарати.

„Работам на одржување од 2015. Во модуларната болница одев по потреба , влегував само кога имаше смртен случај за да го испратам во болничката мртовечница. Во денот се случуваше да влезам и по шест пати, некогташ само еднаш. Во горниот дел имаше ПП-апарат, тоа е дел од болницата, таму го видов. На вратата имаше натпис да не влегуваат лица кои не се овластени“, вели Исмаил Серани.

Сведочеше и лекарката Ерселе Треси.

„Јас најпрво работев во ковид центарот а потоа во модуларната болница. Мислам дека имаше ПП-апарат, но не се сеќавам каде. Нашата работа беше да им помогнеме на пациентите и тоа го правевме. По пожарот дадов исказ во суд но не знам кому, а одговорност немавме бидејќи секој е одговорен за себе кога е на смена“, порача Ерселе Треси.

Сведокот Нагим Сулејмани се повлече од давањето исказ. Обвинетите не дадоа исказ а следното рочиште е закажано за 25 април, кога се очекуваат и завршните зборови.