Обичаи и верувања

Сведоштва за село Селце, Прилепско (објавени во весникот „Новини“)

На југоисток од Прилеп на три четвртини часа растојание се наоѓа селото Селце, кое брои околу 50 куќи. Тоа е расположено во полите на планината „Мечка“ која се смета за предел меѓу Мариово и градот Прилеп. Од исток кон запад покрај северниот дел на селото тече една мала рекичка која на едно место се спушта надолу и образува нешто како водопад: тоа место поради силното бучење на водата селаните го викаат „Бучало“. На исток од селото, во близина се наоѓа патот кој води преку планината за Мариово.
Селото според раскажувањето на старите селани, било заселено повторно на тоа место, а старото Селце се наоѓало на исток од сегашното, на околу половина час, до самите поли на планината, таму и сега стојат основите на две цркви, друго ништо нема. Селаните го оставиле старото село и го избрале сегашното место како побезопасно и поблиско до градот. Никој од селаните не помни, ниту пак слушал од некого, од пред колку години постои ова село.
Полето е малу стрмно и не толку плодородно – селаните се сосема бедни не се во состојба да го наѓубрат, за да се надеваат на добри плодови. Тука растат лозја, жито, разијан, слануток, афион и други растенија. Климата е умерена и здрава. Жителите се занимаваат со земјоделие, сточарство и занаетчиство. Занаетчиите одат во градот и се занимаваат речиси само со железарство, па во зимно време стануваат многу рано, уште во 9 часот и одат во градот да работат. Рекичката која минува низ селото, колку што оди надолу толку и местото е пониско, и тоа нешто им помогнало на селаните да се користат и да си направат воденици кои поради малата вода во летно време, работат само преку зимата, тогаш селаните си го мелат житото за целата година, а кога зимата е дождлива, мелат жито и од градот.
Куќите во селото се многу прости и се состојат од по две соби, од кои едната служи за гости и за спална на младоженците, а другата поголемата служи и за седење и за готвење и за спална, задниот дел служи за штала каде што се прибира стоката.
Поголемата одаја нема прозорци, светлото влегува низ вратата и низ оџакот кој е отворен не толку за светлина колку за да излегува чадот. Собата за гости е подобра, таа има прозорци и врата добро направени. Сите куќи освен црквата се измачкани со кал и покриени со ѓерамиди. Во дворовите на некои куќи има и плевни каде што зимно време се чува храната за стоката. Во селото два пати во годината се прави собор на кој доаѓаат гости од градот и околните села, а имено на Велики Вторник (веројатно во вторникот по Велигден) и на Успение на Пресвета Богородица, 15 август. Еве како се поминуваат тие празници.
Уште вечерта спроти празникот започнуваат да доаѓаат гости од селата и градот, повеќето градски гости доаѓаат на самиот празник утрото. На тие празници само ако времето е убаво, се собира толку многу народ, било од селата било од градот што за време на служењето на Божествената литургија се преполнуваат црквата, црковниот двор и гробиштата кои не се гледаат од луѓе, дури има луѓе наседнати по ендеците и нивите. По завршувањето на Божествената служба свештеникот заедно со момците кои ги носат серафимите, херувимите и иконите, одат низ полето „Покрсти“ (покрсти одат само на Велики Вторник – Велигденскиот Вторник). и се молат за дожд, а гостите почнуваат да прават посети до ручекот. Сите гости од селата, а помалку од градот остануваат за ручек. По ручекот гостите што ќе фрлат по некоја чашка вино започнуваат малку по малку да се собираат на „сред село“ – широко место каде што селаните се собираат кога се веселат. Тука започнуваат разни игри како: скокање, фрлање камен, играње ора и најпосле борење. На борењето гостите од секое село излегуваат по ред кога ќе испопаднат сите и секои соселани се трудат да ги надборат другите. Селските моми откако ќе ги изметат и очистат одаите, откако ќе ги измијат садовите во кои ја готвеле и турале храната се променуваат во најновата облека, се собираат другачките и одат на средселото, на некој крај се нафаќаат на оро и играат до вечерта. Во средината на орото застанал некој селанец и им свири народни ора со гајда. Момите кога потскокнуваат и го вртат орото внимаваат да си одберат момци – тука е местото, каде што можат да се видат сите моми и момци. Исто така и момците кои се за женење нарочно доаѓаат на празниците да си бендисаат моми.
Според облеката селаните од тоа село се разликуваат од селаните на другите села. Тие носат црна облека од шајак, а некои од помладите во празник носат салтамарки и антерии како градските; старците носат црни чалми. Невестите и момите во делник носат антерии, кои си ги изработуваат самите од памук и волна, а во празник фустани, какви што се носат во градот, само со таа разлика, што материјалот на селанките е поевтин и шиењето е попросто. Има некои села од кои жителите според облеката личат на селаните од ова село, но тие се сосема малку. Во сите други села, како мажите така и жените носат бела облека од шајак, во тие села селаните уште од деца на 12 години носат бели чалми. Во некои села селанките везат на облеката разни шарки.
На југ од селото на растојание од четврт час во планината се наоѓа една чешма од која истекува доста слатка и студена вода. Под неа има неколку дрва под сенките на кои починуваат патниците кои што минуваат таму. На тоа место има и хавуз, (ауз) од каде што во зимно време селаните собираат мраз за преку летото и го чуваат во нарочно подготвени за тоа места, затоа и таа месноста се вика „Бузана“. Привлечноста на таа месност и слатката и студена вода често пати преку летото измамуваат луѓе од градот кои тамо одат уште од рано, јадат, пијат, пеат и вечерта се враќаат.

Прилеп 6 јуни 1891 г., Новини (Цариград), 1, бр. 39, 20 јуни 1891 г. (Подготви Марко Китевски за МИА)