По големата трагедија во ОУ „Владислав Рибникар“ кога ученикот од седмо одделение К. К. (13) уби осуммина свои другари, како и училишниот чувар, а рани уште шест ученици, како и наставничката по историја, родителите од ова училиште одржале седница на која разговарале за интеграција на децата во заедницата по масакрот.
Еден од родителите што присуствуваа на седницата зборуваше за „Телеграф.рс“.
„Многу родители, дури 60 % од нив, сакаат децата да се интегрираат во заедницата, но не во истата зграда каде што се случило злосторството“, вели тој за медиумот и појаснува дека нивното барање не е децата да бидат трајно испишани од ова училиште, туку решението да биде привремено.
Таткото истакнува дека многу деца одбиваат да се вратат на училиште и се плашат воопшто да влезат во него, многумина се плашат да излезат од сопствените станови.
Тој открива дека било предложено барање за реновирање.
„Кога го спомнавме реновирањето, не планиравме да направиме ‘Дизниленд’ за децата, ништо мегаломанско, туку да ги реновираме просториите во кои се случи крвавото злосторство. Пред сè, влезот во училиштето, ходниците, да се изолира местото на злосторството, децата што се враќаат на училиште да не ја доживеат повторно траумата, а учениците што ќе одат во тоа училиште да не покажуваат со прст“, објаснува таткото.
Родител на ученик од ова училиште потврдува дека на утрешната седница во училиштето ќе присуствуваат и членови на МУП:
„Нивната поддршка ни значи многу, но би сакале да се договориме и со градската управа да им обезбеди простор на децата да се интегрираат во заедницата додека не ги поправат просториите на училиштето“, додава тој.
Од денеска во 8 часот во сите училишта почна да се спроведува една од шесте мерки предложени од претседателот Александар Вучиќ по масовното пукање во ОУ „Владислав Рибникар“, во училиштата се распоредени уште 1.200 полицајци, а се очекува учениците на 10 мај да се вратат во клупите.