Еден ден по ужасниот настан во Советот на општина Кочани собрав сила да проговорам за истиот. Се надевам дека А.К., инаку мајка на три деца, вработена во општина Кочани, присутна на седницата по службена должност, е подобро. Ама Кочани евидентно не е добро.
Ова се истакнува во реакцијата на Жаклина Филипова Свеќаровска, член на Советот во општина Кочани од партијата Левица. Во продолжение целата изјава:
Верувам дека сега на секој што мисли со своја глава, му е совршено јасно зошто на седницата на која што се избираше вд градоначалник останав воздржана. Тогаш истото го образложив, а сега ќе повторам: мене, прво како на човек, а потоа и како на член на Левица, партија што хуманиот аспект на живеењето го има за еден од највисоките приоритети („љубов за живот човечна“, како што испеа Рацин) беше несфатливо и неприфатливо во миг кога слана ни ја попари младоста, ни откина 62 цвета, срцата на некои сѐ уште да не изѕемнаа до толку што куче и маче да спијат заедно. Советниците не собраа сила за еден кандидат изгласан со консензус, како што мораше да биде, за да нѐ биде.
Тогашната антагонизираност се проектира и ќе продолжи да се проектира и натаму, што е невиден срам за сите што го вградуваме својот живот и сме го заложиле животот на нашите потомци во Кочани. Деновиве Кочани доби поддршка од Гетеборг кој доживеал слична трагедија во 1998 година. Луѓето од делегацијата беа луѓе кои го преживеале и уште го преживуваат ужасот на настанот што им го променил текот на животот. Клучниот апел што го упатија беше заедништвото. Тие си отидоа завчера. Вчера Кочани доживеа срамна показна вежба оти или не сме ги слушнале, или ништо не сме разбрале.
Најостро ја осудувам постапката на советникот Аки Акиов. Тој не го наруши само својот човечки дигнитет, туку и на Советот на општина Кочани и на целиот град. Го наруши и здравјето и семејниот мир на невината жртва на неговиот излив од гнев.
Апелирам вд градоначалникот Венко Крстевски не само да се повикува на својата независност, туку со дела да покаже дека независноста е и неутралност. Кочани е тешко рането и не заслужува да му се чепка во раните така што континуирано ќе биде дел од црните хроники. Ќе биде кандидат кога ќе почнат изборите.
Дотогаш, нека даде сѐ од себе да биде амалгам што ќе почне да го затвора јазот ископан низ децениите поделби меѓу членовите на антагонизираните страни, кои многу често ни не знаат каква идеолошка матрица поддржуваат и дали воопшто има таква, ама се вмрежиле некаде за да остварат некое право што по закон им следува, но не и кога законите селективно се применуваат што го преживуваме (62 млади луѓе, за жал, не преживеаја) веќе децении.
– Реакција на Жаклина Филипова Свеќаровска, член на Советот во општина Кочани.
Сектор за медиуми и односи со јавност при ПП Левица