Во една кутија, калуѓерките внимателно ги чуваа светите нешта на преподобниот Серафим, меѓу кои имаше и една мала свеќа. Секогаш кога мајка Фросја ги вадела светите нешта за да можат да им се поклонат верниците, малата свеќа останувала некако на страна без никој да ја забележи.
Еднаш ја прашав мајка Фросја што ја прави таа свеќа посебна. И таа ми раскажа необична приказна.
Таа свеќа сестрите ја примиле од преподобниот кога тој умирал и оттогаш ја чуваат. Во таа прилика отец Серафим им рекол: „Една од вас ќе го пречека моето тело со оваа свеќа во раце, кога телото ќе ми биде пренесено во Дивјеево. Само да знаете дека моите мошти нема да останат во Саров, наместо тоа, ќе одам кај вас во Дивјеево“.
Во 1833 година, по неговата смрт, светиот Серафим Саровски бил погребан во Саровскиот манастир. Таму почнале да го почитуваат како светец илјадници верници од цела Русија кои се собирале над неговите мошти. Преподобниот Серафим Саровски е прогласен за светец во 1903 година, па неговите мошти се положени во величествена гробница во црквата Света Троица во Саров. Православните верници слушнале за пророштвото на преподобниот Серафим за тоа дека неговите посмртни останки ќе бидат пренесени во Дивјеево, но се чинело дека тоа е невозможно, особено по револуцијата кога се сметаше дека моштите се уништени.
Мајка Фросја
Затоа ова пророштво се сметало за симболично. Но мајка Фросја ми раскажа и како во 1927 г. непосредно пред затворањето на Дивјевскиот манастир, блажената Марија Ивановна последен пат ги собрала сестрите, ја зела свеќата, ја запалила и пророчки им рекла дека од собраните сестри, таа која најдолго ќе живее, со таа свеќа ќе ги пречека моштите на преподобниот Серафим во име на сите покојни, до смрт мачени и убивани калуѓерки кои и покрај се останале верни на Господ.
Кога тоа ми го кажа мајка Фросја, имаше уште десет живи сестри. Од година во година ги имаше се помалку и помалку. Сепак, останатите цврсто верувале дека пророштвото ќе се оствари. На крајот, од речиси илјада сестри кои живееле пред револуцијата, во манастирот во Дивјеево останала само мајка Фросја.
Во 1990-тите започна возобновувањето на Дивјевскиот манастир, а мајка Фросја се преселила од својата куќа на улица „Лесна“ во една од манастирските ќелии. Во 1990 година беа пронајдени моштите на пречесниот Серафим Саровски, за кои се мислеше дека се засекогаш изгубени. Една година подоцна, свечено и со литија, која помина низ цела Русија, светите мошти беа пренесени во Дивјеево.
Патем, во Саров во тоа време, немаше активна црква, а Дивјевскиот манастир веќе во голема мера беше обновен. Кога архиереите, на чело со патријархот Алексиј и во придружба на илјадници и илјадници луѓе, со песни на хоровите, ги донеле моштите на преподобниот Серафим во Дивјевскиот манастир, на вратата, во комплетна облека на монахиња, стоела искушеничката Фросја, т.е. схимонахиња Маргарита, и во рацете ја држела запалена свеќа.
Мајка Фросја почина на 9 февруари 1997 година, на денот на молитвеното сеќавање на руските новомаченици и исповедници. И самата мајка беше исповедник и новомаченик, исто како отец Јован (Крестјанкин) кој почина по пет години на истиот празник.
(Од книгата „Несвети, а свети“ на архимандрит Тихон)