Марко КИТЕВСКИ

Меѓу неколкуте светители што Македонската православна црква ги прогласи последниве години е и Св. Гаврил Велички, познат и како свети Гаврил Светогорец, епископ Велички, што се празнува на 28 мај. Овој наш современик, испосник и чудотворец роден е во Штип во 1926 година од православни родители, татко Методиј (во монаштво Кирил) и мајка Горица (Гора).

Во родниот град завршил основно и средно училиште, по што се вклучил во Народно-ослободителната војна. По војната студирал на Факултетот за ликовни уметности во Белград и дипломирал во 1955 година. Пота се вработил како професор во Гимназијата и Учителската школа во Штип каде што предавал историја и историја на уметноста. Се занимавал и со вајарство и важел за еден од најдобрите вајари во тоа време.

Неговите ученици се сеќаваат дека за Велигден им давал по едно црвено јајце и им велел: „Деца, изедете ги јајцата, згмечете ја лушпата и расфрлајте ја по градот за сите да видат дека Христос воскреснал.“

Никогаш не ги прекинал молитвите и додека бил на студии во Белград и кога работел како професор во Штип. Во 1963 година го напуштил световниот живот и заминал на Света Гора. При пристигнувањето на Света Гора имал видение, додека се миел на брегот забележал како го набљудува некоја жена. Поради тоа што на Света Гора нема жени заклучил дека тоа е Пресвета Богородица. Тој настан имал позитивно влијание на неговите идни подвизи.

На Света Гора имал многу проблеми како Македонец. Дури неколку пати и животот му бил загрозен, но се спасувал на чудесен начин. Еднаш се скрил во пештера на чиј влез пајаците исплеле мрежа, за да не биде забележан од непријателите, друг пат го спасиле змии. Грчките власти одбиле да му дадат пасош, поради што морал да го заврши престојот и да се врати во Македонија во 1971 година.

По враќањето завршил и Богословски факултет во Скопје и живеел во неколку манастири како на пр. во Матка, Побожје, Марков Манастир и во Зрзе. Во Матка му се приклучил и татко му кој исто така се замонашил. Во 1975 година се населил во Лесновскиот манастир и го обновил во тоа време запуштениот манастир.

Во 1981 година од страна на Синодот на МПЦ е избран за архимандрит, а во 1989 година е хиротонисан за епископ Велички. Починал шест месеци подоцна на 12 јануари 1990 година.

Останал запаметен како човек кој постојано одел пеш. Ретко спиел и тоа на земја или рогузина, а и во најголемите студови се покривал само со едно ќебе рачно извезено со крстови. Држел најстрог пост, јадел само маслинки и чај. Не користел греење и светилка. Пишувал книги и есеи за повеќе весници. Се повлекувал во лесновските пештери каде што останувал со денови.

Си ја предвидел и смртта за што отслужил 40 заупокоени литургии, по што се упокоил со евангелието во рацете. Претходниот ден луѓето го виделе како подготвува вреќи со прехранбени намирници за погребот. Никому ништо не кажал, оставил само еден лист на кој пишувало: „Јадењето направете го без масло.“

Направил повеќе чуда, со своите молитви излекувал дете од Струмичко што не зборувало, потоа излекувал и дете што го удрил автомобил. Прави чуда и по упокојувањето. Сведоштаво за тоа е излекувањето на девојче од Кочанско кое што подолго време боледувало и за кое и лекарите изгубиле секаква надеж. По молитвата над гробот и по мачкањето со масло, девојчето сосема оздравело.