Пишува отец Драги КОСТАДИНОВСКИ
Подецидна потврда за оваа теорија дека Свети Лука е човекот од Македонија, има во познатото Американско издание на “Библиски земји” (Biblelands), создадено под надзор на д-р Клинт Арнолд од Теолошкиот Талбот Семинар.
Овде, Свети Лука е Македонец од Македонија. Во врска со ова стои: “Додека престојувал во Троада, Павле имал визија на човек од Македонија, кој го повикал да појде во Македонија. Некои претпоставуваат дека човекот од Македонија бил лично Лука”. За македонското потекло на Свети Лука говори и македонскиот теолог и проф.д-р Ратомир Грозданоски, кој смета дека само доколку Свети Лука бил Македонец од Филипи, можел толку добро да ја познава топонимијата на овој град.
За македонското етничко потекло на Свети Лука има уште еден интересен податок. Знаеме дека Свети Лука ги напишал своите библиски дела (“Евангелие по Лука” и “Дела апостолски”) на јазикот коине.
Внимателните проучувачи и аналитичари на најстарите преписи на неговите дела дошле до едно зачудувачко откритие дека Свети Лука во “Дела Апостолски” употребил еден античко-македонски збор, кој го нема во ниту еден друг текст откриен на територијата на Грција.
Во споменатото издание “Библиски земји” стои: “Лука, во своите објаснувања за престојот на Апостол Павле во Солун, употребува еден збор за ‘градските старешини’ што не се среќава во ниту еден друг текст од грчката литература. Истиот овој збор е пронајден на еден натпис на “Вардаровата Порта“, како и на бројни други натписи низ цела Македонија.
– Кој е античко-македонскиот збор, што го употребил Света Лука, а кој го нема во ниту еден литературен антички грчки текст?
– Тоа е зборот – политарси (политархос), чија етимологија е – градски старешини. Терминот Свети Лука го употребил во “Дела апостолски” (17,6).
– Кои биле политарсите?
– Тоа биле луѓе на локалните (градски) управници.
Д-р Проева пишува дека засега најстарото спомнување на овој термин датира уште од III век п.н.е. за време на македонскиот владетел Касандар.
Конкретно, натписот од III век п.н.е. се наоѓа на територијата од Илирија, која во тоа време била македонска колонија.
Терминот е пронајден и во една македонска колонија во Тракија. Познато е дека Римјаните и по окупацијата на Македонија, ја задржале оваа институција во македонските градови, и затоа, од тоа време, има зачувано повеќе од 50 натписи со терминот политарси.
На територијата на Грција, пак, не е откриен ниту еден текст со овој древно-македонски термин.
Исто така, името Лука e произлезено од коине терминот “лукс” (светлина), што воедно одговара и на денешниот македонски збор луч т.е. лач (зрак од светлина).(2)
Оваа теза ја поткрепува и фактот што и некои делови од своето Евангелие, Свети Лука ги напишал токму во Македонија, во градот Филипи.(3)
Многу е веројатно дека Свети Лука бил сведок на мачеништвото на светиот апостол Павле во Рим.
По мачеништвото на Свети апостол Павле, Свети Лука го проповедал Господ Христ во Италија, Далмација, Галија и особено во Македонија, во кои земји претходно работeл неколку години. Исто така, тој го проповедал Евангелието на Господ Исус Христ и во Ахаја.
Во поодминати години, Свети Лука отпатувал за Египет да го проповеда Евангелието. Таму, тој, иако претрпел многу маки и страдања успеал да го просветли далечниот Тиваид со вечната светлина на Евангелието Христово.
Во градот Александрија за епископ го поставил Авилиј од Анијан, кој претходно бил ракоположен во епископски чин од Светиот евангелист Марко.
Свети Лука имал осумдесет и четири години кога злобните идолопоклоници го погубиле заради Христа, обесувајќи го на маслиново дрво. Неговите свети и целебни мошти биле во Теба до втората половина на четвртиот век, од каде се пренесени во Цариград, во времето на царот Константиј, синот на царот Константин. Таму остануваат до турската инвазија, по што тие, како и многу други свети мошти, паѓаат во рацете на Венецијанците. Денес тие се чуваат во италијанскиот град Падова, а дел од овие мошти во 1900 година биле вратени во Теба.