Според календарот на МПЦ денеска е Св. маченик Талалеј.

Талалеј се родил во Либан. Живееше и пострада за Христос во третиот век, кога имаше само осумнаесет години. Неговиот животописец го опишува како стројно момче со бујна црвена коса. По професија бил лекар.

Како христијанин бил изведен пред суд и откако смело ја исповедал верата го ставиле на различни и ужасни маки, нешто што не им беше туѓо на тогашните затворски иследници. Го фрлија и во арената меѓу ѕверовите, но овие му ги лижеа стапалата на светиот, па најпосле џелатите мораа да му ја отсечат главата.

Така пострадал свети маченик Талалеј во 284 година.

Според католичкиот календар сенеска е Св. Марчелин и Петар.

Во втората половина на третиот век, тие биле свештеници во римската црква. Во 303 година, за време на Диоклецијановите прогонства, свети Марчелин и Петар биле измачувани поради верата во Христос.

Уште од времето на папата Дамаз постојат стари извештаи за нивното мачеништво. Тој сведочи дека еден судија наредил мачениците да бидат убиени во една густа шума, за да им се загуби секаква трага.

Мачениците Марчелин и Петар морале сами да си ископаат гробови.