МАНАСТИР СВ.ГАВРИЛ ЛЕСНОВСКИ
БЕСЕДА ПРОТИВ ОПИВАЊЕТО
Свети Василиј Велики
По слични несреќи, мажите и жените кои формирале заеднички собир и ги предале душите на винољубивиот демон, едни со други се повредуваат со осилата на страста. И од едната и од другата страна гледаме смеа, развратни песни и блудни движења на рацете, кои поттикнуваат блудни страсти. Кажи ми дали се смееш и дали се насладуваш со срамни наслади, иако треба да плачеш и да воздивнувш заради она што претходеше? Пееш развратни песни отфрлајќи ги псалмите и свештените песни што ги учеше. Ги движиш нозете, скокаш како луд и танцуваш непристојно иако треба да коленичиш заради поклонение.
Кого ќе оплакувам?
Немажените девојки или жените кои веќе го носат товарот на сопружништвото? Првите дома се вратија без девственоста, а вторите им се вратија на сопружниците без целомудреност. Доколку некои и го избегнале телесниот грев, сепак примиле трулежност во душата. Истото мора да го кажам и за мажите. Тој погледнал лошо и на него лошо погледнале.
“Секој што ќе погледне на жена со желба за неа, тој веќе извршил прељуба со неа во срцето свое” (Мат. 5, 28). И случајните средби се опасни за оние кои гледаат љубопитно. Што да се каже пак за намерното одбирање на места за состанување каде што можат да се видат жени грди од опиеност, со развратен изглед и недолични песни во устите, кои преку слухот побудуваат уживања кај невоздржаните? Што ќе кажат и со што ќе се оправдаат оние, кои преку слични глетки собираат многу зла? Ќе речат ли дека не гледале за да ја поттикнат страста?
Меѓутоа, според неумоливата пресуда Господова, тие се подложени на осуда за прељуба (Спореди Мат. 5, 28). Како ќе ве прифати Педесетницата, кога се подбивавте со Пасхата? На Педесетницата се случи откриено и за сите видливо слегување на Светиот Дух. Меѓутоа, ти себеси однапред се направи живеалиште на спротивниот дух. Ти стана идолски храм, наместо со вселување на Светиот Дух да станеш храм Божји. Врз себе ја навлече клетвата на пророкот, кој говори пред лицето Божјо: “ќе ги претворам празниците ваши во тага” (Ам. 8, 10).
Како ќе управувате со слугите, кога самите како робови им служите на лудите и погубни желби (1. Тим. 6, 9)? Како ќе ги советувате децата кога и самите водите безумен и неуреден живот? Значи, што? Да ве оставам во (наведената) состојба?
Меѓутоа, се плашам распуштениот да не стане уште побесрамен и нажалениот да не пропадне од преголема жалост (2. Кор. 2, 7).
Бидејќи е речено: кроткоста спречува големи грешки (Проп. 10, 4).
Постот ќе го излекува пијанството, а Псалмот срамните песни. Солзите нека бидат лек за смеата. Наместо играње – коленичи. Наместо да плескаш со рацете – удирај се по градите. Дотерувањето да се замени со смирение. Над сѐ, милостината нека те избави од гревот. Бидејќи, понекогаш богатиот со пари го откупува својот живот (Изрек. 13). Прими многу несреќници во молитвената заедница за да ти се простат злобите што си ги смислил и направил. Речено е:
“Седна народот, та јадеа и пиеја, и потоа станаа да играат” (Исход 32, 6), при што нивната игра беше идолослужење. Затоа Левитите се вооружија против своите браќа и ги осветуваа рацете за свештенство.
Вам, кои се плашите од Господа и жалите заради своите срамни недолични дела, ви заповедам да сострадате со нив како со свои болни делови од телото, доколку видете дека се каат заради недоличноста на она што го сториле. Доколку пак, видете дека се горди и ја презираат вашата тага заради нив, излезете од нивната средина и одделете се… и не допирајте се до нечисто (2. Кор. 6, 17), за да се посрамат и да го сфатат сопственото зло, а вие да добиете награда за ревноста според праведниот суд на нашиот Бог и Спасител Исус Христос, Кому нека е слава и сила во вечни векови. Амин!