За време на сушата во Бразил минатата година огнот со кој се расчистувала земја за обработување се оттргнал од контрола при што беа уништени повеќе од 1,2 милиони хектари дрвја, пишува Њујорк тајмс.
Во Колумбија мировниот договор со бунтовничката група отвори пат за рудари и фармери кои минатата година предизвикаа исчезнување на шума. На Карибите, ураганите Ирма и Марија уништија речиси третина шуми во Доминиканската Република и голем број дрвја во Порторико.
Светските тропски шуми изгубиле речиси 16 милиони хектари дрвја минатата година, се наведува во студијата на Глобал форест воч, за која се користени нови сателитски податоци од Универзитетот Мериленд. Тоа значи дека 2017 година била втора најлоша година за тропските шуми, веднаш по 2016.
Студијата е објавена во момент кога министри на држави имаа средба во Осло минатиот месец за да разговараат како подобро да се заштитат тропските шуми кои живеат половина од сите светски видови и играат клучна улога во регулирањето на климата.
– Тие нови податоци покажуваат дека ситуацијата е алармантна за шумите во светот, изјави Андрејас Дал-Јоргенсон, заменик директор на норвешката Меѓународна климатска и шумска иницијатива.
Тој додава дека „едноставно нема да ги постигнеме климатските цели за кои се договоривме во Париз доколу драстично не се намали исчезнувањето на тропски шуми и не бидат обновени шумите ширум светот“.
Според некои проценки исчезнувањето на шумите предизвикува зголемување за над десет отсто емисии на јаглерод диоксид секоја година.
Сателитските снимки покажуваат дека Колумбија загубила 400.000 хектари шума во 2017 година што е пораст од 46 отсто во однос на претходната година. Најголем дел исчезнал од колумбискиот дел на Амазон и тоа области кои некогаш ги контролираа Револуционерните вооружени сили на Колумбија (ФАРК).
– Со нивна демобилизација повеќе области повторно се отвораат и гледате голем број луѓе, кои од различни причини грабаат земја, од садење кокос до одгледување стока, вели Микаела Вајсе, аналитичар во Глобал форест воч.
Анализите на таа организација покажуваат дека Бразил загубил рекорден број дрвја во 2016 и во 2017 година најмногу поради пожари.
– Загрижува што почнуваме да гледаме нова нормална ситуација каде пожари, уништување шуми, суша и климатски промени меѓусебно поврзани и го прават Амазон запалив, вели Вајсе.
Демократска Република Конго лани регистрирала загуба на шуми од околу 1,4 милиони хектари, тоа е шест отсто повеќе отколку минатата година.
Индонезија е една од ретките светли точки каде запирањето на сеча на шуми дало извесни резултати: губењето шуми во заштитени области од 2017 година е намалено за 88 отсто.
Експертите велат дека треба да се направи многу повеќе за да се успори уништувањето на шумите. Само два отсто меѓународни финансии одвоени се за борба против климатските промени се насочени за зачувување на шумите, вели Френсис Сејмур, соработничка во Институтот за светски ресурси.
– Гаснеме пожар со лажичка за шеќер, вели таа.