Светската програма за храна (WFP) предупреди дека гладот во Јемен, земјата погодена од војна, е во пораст поради континуираниот пораст на цените на суровините.
„Цените на храната и гладот продолжуваат да растат“, објави WFP на Твитер, додавајќи дека се се поголеми потребите на семејствата чиј опстанок зависи од помошта на WFP.
Агенцијата на Обединетите нации предупреди дека долготрајната јеменска криза е погубна за милиони семејства, пренесува Анадолија.
Хуманитарната ситуација во Јемен се влошува со падот на вредноста на јеменскиот риал, кој достигна повеќе од 1.500 ријали за американски долар во областите под контрола на јеменската влада.
Пред избувнувањето на конфликтот во 2014 година, цената на доларот беше 215 јеменски ријали.
Јемен е место на конфликти и насилство од 2014 година, кога бунтовничкото движење Хути ја презеде контролата врз голем дел од земјата, вклучувајќи го и главниот град Сана.
Конфликтот ескалираше една година подоцна, кога Саудиска Арабија и нејзините арапски сојузници застанаа на страната на јеменската влада и почнаа да вршат воздушни напади врз позициите на бунтовниците.
Обединетите нации предупредуваат дека во Јемен се одвива една од најголемите хуманитарни кризи во светот, со милиони луѓе чии животи се загрозени поради глад и немање основни услови за живот.