Светска банка предвидува раст од 2,5 отсто во Македонија оваа година, 2,7 отсто во Бугарија, 2,8 отсто во Босна и Херцеговина, 2,5 отсто во Хрватска и 3,2 отсто во Црна Гора, покажува најновиот есенски извештај за економските перспективи во регионот на Европа и Централна Азија. Најголем раст меѓу соседните земји се предвидува за Романија – 3,7 отсто.
Светска банка предвидува дека растот во Европа и Централна Азија ќе остане послаб од долгорочниот просек пред пандемијата. Проценката за економскиот раст на овој макрорегион е зголемена во октомври на 2,4 отсто, од 1,4 отсто во јуни. Во него за Западен Балкан се проценува раст од 2,5 проценти во оваа година, а подоцна забрзување до 3,3 проценти во 2024 и 2025 година. Ова е благо надолна ревизија од 0,1 процентен поен во однос на јунската проекција, објави порталот Данас.
Поклопувачките шокови кои произлегуваат од рускиот напад врз Украина, кризата со трошоците за живот и климатските ризици создаваат огромни предизвици за Европа и Централна Азија. Ќе биде потребен нов пристап за овие земји да го оживеат растот на продуктивноста, да постигнат подобри економски и социјални исходи, да ја подобрат отпорноста и да ги забрзаат напорите за декарбонизација на економијата – рече Антонела Басани, потпретседател на Светска банка за Европа и Централна Азија.
Инаку, глобалниот економски раст во петгодишниот период од 2020 до 2024 година е најнизок во последните три децении, оцени Светска банка во извештајот. Тие наведуваат дека инвазијата на Руската Федерација во Украина, порестриктивните глобални услови за финансирање, постојаната инфлација и глобалната економска фрагментација продолжуваат негативно да влијаат на овој регион. Исто така, забавниот глобален раст е под влијание на послабото закрепнување во Кина и наглото забавување во еврозоната.
Истовремените зголемувања на референтните каматни стапки во напредните економии и земјите во развој доведоа до повисоки приноси и распон на обврзниците, го отежнаа пристапот до пазарите и ја намалија достапноста на кредити, се вели во извештајот.