Директорката на Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС) Ана Петровска, заедно со претставници на Амбасадата на САД, Ендру Мофат (политички и економски офицер) и Розита Мреноски (економски советник), на 20 април го посетија историското индустриско жариште Охис, во рамките на заедничкото одбележување на Светскиот ден на планетата Земја.
Претставниците на Амбасадата, како што соопшти ДИЖС, се запознаа со предизвиците околу инспектирањето на постапките за преточување и отстранување на опасните хемикалии, метил акрилат мономер и винил хлорид, и утврдија дека цистерните во кои тие се складираа во моментот се празни и безбедни.
Тие се информирале за претстојниот почеток на чистењето на малата депонија за линдан и улогата на Инспекторатот во спроведувањето на мерките за заштита на животната средина и здравјето на населението во Градот Скопје што се утврдени во одобрениот План за ремедијација. Ја посетиле пречистителната станица во состав на посебниот канализациски систем на ОХИС што е вон функција, а за која треба да се утврди можноста за реконструкција и превземање од страна на Јавното претпријатие Водовод и канализација.
– Оваа година Светскиот ден на Планетата Земја се одбележува под мотото „Да ја обновиме Земјата“, а една од темите што глобално се обработуваат е „Чистење и многу повеќе“, наведуваат од Инспекторатот.
Директорката на инспекторатот Ана Петровска посочила дека чистењето на загадувањето од индустриското жариште ОХИС се реализира постапно и во зависност од достапните финансиски средства. Претставниците на Амбасадата се согласиле дека за целосно решавање на опасното загадување неопходно е да се вклучат сите надлежни национални институции, банките и занитересирани компании од приватниот сектор.
– Амбасадата на САД и Државниот инспекторат за животна средина веќе имаа заеднички активности во рамките на програмата за научни соработници (“Science fellows”) и тие ќе продолжат во иднина, со цел подобрување на ефикасноста на инспекциските надзори и намалување на загадувањето, додаваат од ДИЖС.