Светската популација старее, животниот век на населението на планетата се продолжува, па оттаму важноста од грижа за менталното здравје на луѓето, во справувањето со заболувањата како што е деменцијата, пред се Алцхајмеровата деменција како болест на 21 век. Ова беше истакнато на Светскиот конгрес за деменција што од денеска се одржува во Охрид, на кој учествуваат повеќе од 350 учесници, психијатри, невролози и невропсихолози од 27 држави од целиот свет.
Хелен Херен, претседател на Светската невролошка асоцијација, во воведното обраќање пред учесниците на Симпозиумот истакна дека до 2050 година за околу 250 проценти ќе се зголеми процентот на старо население, односно дека во светот ќе има држави и области каде бројот стари лица ќе биде процентуално поголем отколку на бројот на децата.
– Главното прашање на кое треба да се обрне внимание кога станува збор за менталното здравје на популацијата конкретно деменцијата е да се поттикне свеста во општеството за растечкиот проблем. Примарна е соработката меѓу практичарите, истражувачите односно лекарите и самите влади во земјите да ги разберат проблемите што ги носи заболувањето, од превенцијата на болеста, подобрување на квалитетот на живот на болните, како да се поддржат семејствата и оние што се грижат за нив, истакна Херен.
Таа рече дека собирите како овој во Охрид е во корелација со светските акциски планови и стратегијата на СЗО за глобален одговор на президвикот.
– Мошне е важна поддршката за семејствата каде има заболени од деменција. Како одминува времето и болеста зема поголем замав, се потешко е за најблиските да водат соодветна грижа, многумина од нив и не знаат како да се однесуваат во сложени семејни прилики предизвикано од болеста, рече Херен.
Габриела Новотни, професор од Клиниката за неврологија во Скопје, истакна дека деменцијата станува реален проблем на 21 век.
– Причината зошто денеска зборуваме за епидемија е токму стареењето на населението, медицината најде лекови за други хронични болести, нашите драги личности, родители живеат подолго, а тоа носи проблеми како деменцијата најчесто Алцхајмеровата деменција. Проблемот е дотоколку поголем што нема лек за болеста, освен лекарства што влијаат врз квалитетот на животот на пациентите. Можеби најважна е раната детекција на заболувањето. Тоа не е стареење, стареењето е физиолошки процес, а деменцијата е болест што мора да се дијагнотицира и третира, рече таа.
Обраќање пред учесниците на Конгресот во Охрид имаше и првата дама на Република Северна Македонија, Елизабета Георгиевска Пендаровска, која укажа на свесноста за стареењето на населението и растот на заболените од деменција.
– Според светската статистика, во РС Македонија се проценува дека има некаде околу 20 илјади заболени од Алцхајмерова деменција, а само околу 24 проценти од претпоставените болни се дијагностицирани и лекувани. Како стоматолог, свесна сум дека превенецијата и раниот третман имат пресудна улога во натамошниот тек на болеста, тука и за Алјхајмеровата деменција. Оттаму неопходно е подигнување на јавната и професионалната свест за деменцијата што би имало клучна улога во раната дијагноза и борбата против предрасудите и стигмата, рече таа, нагласувајќи ја важноста на промоцијата на здрав начин на живот, едукација на персоналот, на луѓето со деменција и оние што се грижат за нив.
Според Георгиевска Пендаровска, есенцијално е поттикнување на изготвување и примена на национална стратегја за деменција која ќе води кон системско адресирање на проблемот.
Мора заедно да се работи со лекарите од општата клиничка пракса, матичните лекари за рано препознавање на болеста, едукација на младите за рано препознавање на симптомите на болеста и нивно навремено подложување на соодветен медицински третман.
Грижата за граѓаните во трета животна доба пошироко и посебно креирање на пријателско општество на заболени од деменција (52 милиони заболени од деменција во светот во 2018 година) ќе биде еден од ЕУ приоритетите во годините што доаѓаат, а претседателот на Словенија веќе го има прифатено овој приоритет, како еден од приоритетите во време на председавањето на Словенија со ЕУ, велат од Организацискиот одбор на конгресот.
На настанот што се одржува во коорганизација на Светската психијатриска Асоцијација и Македонската психијатриска асоцијација предвидено е светски експерти од областа на неврологијата да одржат осум пленарни сесии, триесеттина пленарни предавања, бројни работилници посветени на проблематиката околу превенцијата и раната детекција на деменцијата.
МИА