Светските цени на оризот во јули беа највисоки од септември 2011 година, објави Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации (ФАО). Глобалниот индекс на цените на оризот се зголеми месечно за 2,8 отсто во јули, на 129,7 поени, што е највисоко во последните 12 години, соопшти римската агенција, пренесува Танјуг.
Според ЦНБЦ, во споредба со јули 2022 година, цената на оризот пораснала за 19,7 отсто поради забраната на Индија за извоз на некои видови ориз и неповолните временски услови кои би можеле да влијаат на производството.
„Некои добавувачи се загрижени за потенцијалното негативно влијание на климатскиот феномен Ел Нињо врз производството на ориз, како и за прекинот на жетвата во Виетнам поради дождовите, што ги зголеми цените“, се додава во извештајот.
Водечкиот светски извозник на прехранбени производи, го забрани извозот на бел ориз кој не е басмати на 20 јули, бидејќи владата во Њу Делхи се обидува да го спречи растот на цените на оризот во земјата, истовремено обезбедувајќи доволно залихи „по разумни цени“. Индексот на цените на оризот на ФАО веројатно ќе биде уште поголем во август отколку во јули, смета високиот аналитичар на глобалната банка за храна и земјоделство Рабобанк, Оскар Тјакра.