Поранешниот премиер на Јапонија, Шинѕо Абе денеска подлегна на повредите откако беше застрелан додека држеше говор за време на предизборна кампања во градот Нара, соопшти неговата Либерално демократска партија.
Поранешен припадник на јапонската морнарица Тацуја Јамагами двапати пукаше во Абе. Јамагами веднаш е приведен.
Абе не покажувал знаци на живот кога беше префрлен во болница.
По веста за атентатот врз Абе светските лидери го осудија нападот.
Британскиот премиер Борис Џонсон изјави дека е згрозен и тажен поради нападот врз Абе.
Нападот го потресе и индискиот премиер Нарендра Моди, кој се огласи на Твитер.
– Нашите мисли и молитви се со него, со неговото семејство и јапонскиот народ, напиша Моди.
Поранешниот американски претседател Доналд Трамп истакна оти станува збор за поразувачка вест.
Поранешниот австралискиот премиер, Скот Морисон, кој беше на должност истиот период како и Абе, напиша дека тој е голем пријател на Австралија.
– Тој е еден од најважните светски лидери од ерата по војната. Во овој тежок момент, нашите молитви се со него, со неговата сопруга Аки и со јапонскиот народ, напиша Морисон.
Претседателката на Тајван, Тцаи Инг-вен го осуди нападот на Абе преку Фејсбук истакнувајќи дека тој е нејзин добар пријател.
Жалење изрази и мексиканскиот министер за надворешни работи, Марсело Ебрард, изразувајќи надеж дека Абе ќе закрепне.
Премиерката на Нов Зеланд, Џасинда Ардерн била длабоко шокирана кога слушнала за пукањето.
– Беше еден од првите водачи, кои ги запознав кога станав премиерка. Беше длабоко предан на својата улога, но и великодушен и љубезен. Моите мисли се со неговата сопруга и со јапонскиот народ. Ваквите случаи нè потресуваат сите нас до сржта“, напиша Ардерн.
Ова е шок и за генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.
– Моите мисли се со него и со неговото семејство. НАТО стои со народот на нашиот близок партнер, Јапонија, нагласи Столтенберг.
Според претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, Абе е вистински пријател и бестрашен бранител на мултилатералниот поредок и демократските вредности.
Тој додаде дека ЕУ е со народот на Јапонија.