Сообраќајната полиција во текот на вчерашниот ден во Скопје санкционирала 51 возач бидејќи возеле со брзина поголема од дозволената.
Како што информира СВР Скопје, од сообраќај биле исклучени и 13 возачи од кои 12 управувале возило без да се стекнат со право за управување на моторно возило и еден бил возач почетник. Исто така, од сообраќај биле исклучени 9 нерегистрирани возила и две возила кои биле технички неисправни.
Санкционирани биле и двајца возачи поради неправилно престројување, четворица поради неправилно престигнување, еден возач за недавање првенство на минување на пешаци на пешачки премин, еден возач за неносење заштитен шлем при управување на мотоцикл, 13 возачи поради неносење сигурносен појас за време на управување на моторно возило и 14 возачи поради користење на мобилен телефон при управување на возило.
Во текот на изминатиот ден издадени биле и 114 мандатни платни налози, а 76 возила се подигнати со специјално возило “пајак”.
Изминатиот ден се случиле и пет сообраќајни незгоди во кои четири лица се здобиле со телесни повреди.