Индонезијка, чиј свршеник загинал во неодамнешната авионска несреќа, кога авионот на компанијата Лајон ер падна в море по полетувањето од Џакарта, сама се сликала во венчаница.
Интан Сијари и Рио Нанда Пратама требало да се венчаат на 11 ноември, но Пратама загинал при враќањето дома, кога авионот се урна в море на 29 октомври.
Сијари вели дека сакала да му ја исполни последната желба на вереникот и дека затоа се сликала во бела венчаница и со бурма на раката.
– Иако чувствувам неопишлива тага, ја сочував насмевката за тебе, напиша несудената невеста на Инстаграм.
Таа натаму порачува:
– Не семам да бидам тажна, морам да бидам силна, како што постојано ми зборуваше.
Пред да полета со авионот, Пратама на шега и рекол на свршеницата да се слика во венчаницата и да му испрати фотографија, ако случајно не стигне на време.
Авионот „боинг 737“, кој беше сосема нов, падна в море со 189 патници и членови на екипажот и никој не ја преживеа несреќата. Трупот на авионот се уште не е пронајден.