Светската здравствена организација соопшти дека вакцината „АстраЗенека“ треба да се дава на лица над 65 години.
Како што објаснија експертите од СЗО, оваа вакцина треба да се користи во земји каде кружат варијанти на коронавируси, кои инаку ги прават вакцините помалку ефикасни, како што е Јужна Африка.
Поголем интервал помеѓу две дози на вакцина „АстраЗенека“ ќе ја направи поефикасна, сметаат тие, додавајќи дека интервалот треба да биде помеѓу 8 и 12 недели.
Стратешката група на експерти за имунизација на СЗО, попозната како САГЕ, ги разгледа податоците собрани во клиничките испитувања на вакцината „АстраЗенека“ и според нивните привремени препораки, нејзината ефикасност е околу 63%.
Вакцината треба да спречи потешки симптоми
Податоците од клиничките испитувања во Јужна Африка велат дека вакцината нуди „минимална заштита“ од благи и умерени форми на Ковид-19. Имено, варијантата на вирусот што циркулира во таа земја мутирала на начин што му помага на вирусот да избегне создавање на имунитет од вакцина или претходна инфекција.
Научниците од Оксфорд, кои учествуваа во развојот на оваа вакцина, сметаат дека таа треба да спречат потешки симптоми, односно хоспитализација.
„Нема причина да не се препорачува употреба на вакцината „АстраЗенека“ во земјите каде кружат нови варијанти на коронавирусот“, вели д-р Алехандро Кравиото, кој ја предводи оваа експертска група на СЗО.