Светската здравствена организација (СЗО) ги избра членовите на новиот советодавен одбор за потеклото на пандемијата на коронавирус, јави ДПА.

Одборот ќе помогне да се изготват упатства за идните студии за потеклото на пандемијата и епидемијата и ќе ги надгледува истрагите, соопшти денеска СЗО.

Вкупно, 26 експерти се за Научната советодавна група за потеклото на новите патогени, вклучително и научници од Кина, Русија, САД, Судан, Саудиска Арабија и Камбоџа.

Германскиот вирусолог Кристијан Друстен од берлинската болница Шарит, кој беше еден од највидливите експерти за германските медиуми за време на пандемијата, е едно од имињата на листата, истакнува ДПА.

– Политичките ставови немаа никаква улога во изборот, рече координаторот на СЗО за итни случаи, Мајк Рајан.

Земјите -членки имаат рок до крајот на октомври да ја коментираат листата.

Советодавниот одбор е одговор на долгото одложување на меѓународната истрага за потеклото на коронавирусот.

Вирусот првпат се појави во Вухан, Кина, кон крајот на 2019 година, но на странските експерти предложени од СЗО им беше дозволено да отпатуваат во Кина дури повеќе од 12 месеци подоцна. Кина не сака да дозволи понатамошна истрага на терен. Американската влада ја обвинува Кина дека ги крие информациите од експертите.

Генералниот директор на СЗО Тедрос Аданом Гебрејесус вчера рече дека „разбирањето од каде доаѓаат новите патогени е од суштинско значење за спречување на идните епидемии со потенцијал на епидемија и пандемија“.

– Многу сме задоволни од калибарот на експерти избрани за САГО од целиот свет и со нетрпение очекуваме да работиме со нив за да го направиме светот побезбеден, рече тој.