Директорката на регионалната канцеларија на Светска здравствена организација во Африка, Мачидисо Моети изјави дека новиот коронавирус многу брзо се шири во Африка и се заканува континентот со население од 1,3 милијарди луѓе да го претвори во нов фронт против пандемијата.
– Пред десетина дена имаше само околу пет држави со вирус. Сега во 35 од 54 земји е регистриран вирусот, а вкупниот број на инфицирани луѓе изнесува 650. Тое е исклучително брз развој, посочи Моети.
Првиот случај на зараза со Ковид-19 во Субсахарска Африка е регистриран на 28 февруари.
Според Моети во Африка има голем број на нерегистрирани случаи, пред се поради недостиг на тестови.
Голем број африкански држави, следејќи го примерот на Кина и другите држави, брзо ги ограничија патувањата. Сенегал вчера забрани летови, а Ангола и Камерун ги затворија воздушните, морските и копнените граници. Руанда ги забрани комерцијалните летови на еден месец, додека Мавританија не дозволува влез откако во земјата беше регистриран првиот пациент.
Моети изрази загриженост поради забраната за патувања, што може да ја наруши доставата на неопходните материјали.
– СЗО размислува за создавање на хуманитари коридори, наведе Моети.